Во Центарот за култура на Битола вечерва почнува 27-то издание на интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. Во 17 фестивалски вечер ќе настапат реномирани уметници од 10 земји: Полска, Казахстан, Шпанија, Италија, Русија, Македонија, Украина, Германија, САД, Романија. На програмата се 15 концерти, ликовна изложба на академскиот графичар Паоло Чампини од Италија и претстава на Народниот театар – Битола. Во рамките на фестивалот се одржува и 9-от Интернационален пијано-натпревар.

Свеченото отворање ѝ е доверено на Македонската филхармонија со која ќе раководи диригентот Борјан Цанев. Како солистка ќе настапи големата виолинска ѕвезда Ајман Мусакаџајева од Казахстан, која е уметница на УНЕСКО и лауреатка на најпрестижните светски конкурси за виолина. На програмата ќе бидат изведени: „Фантастичната симфонија“ од Хектор Берлиоз и Концертот за виолина и оркестар во Де-мол од Арам Хачатуријан.