В недела на 23 јуни со почеток од 21 часот, во Градскиот парк ќе почне забавата со музика од култните цртани филмови од земјите од Источниот блок коишто го обележаа детството на генерациите од 70-тите и 80-тите години од минатиот век. „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“ и многу други ќе бидат дел од првиот концерт „Филхармонија на отворено“, што се реализира во соработка со МКЦ и со Градот Скопје.

На овој концерт, посетителите на „Градски летен парк“ ќе слушнат уникатна изведба на симфонискиот оркестар и на хорот, проследени со специјална видеопроекција на огромни платна и светлосен дизајн, сето тоа во знакот на старите добри и култни цртани филмови.

Градоначалникот Шилегов, заедно со директорот на Националната филхармонија, Виктор Илиески, денеска ги соопштија деталите и ги поканија граѓаните на овој концерт.

– И годинава, крајот на јуни го резервиравме за концерти на отворено во рамките на проектот „Градски летен парк“. Во соработка со Филхармонијата и со МКЦ на 23 и 29 јуни граѓаните ќе можат да уживаат во композиции изведени од симфониски оркестар и хор што е ретка практика во светот. Овој проект ќе ги спои различните генерации, па затоа ве поканувам сите да присуствувате и искрено се надевам дека заедно ќе уживаме во уникатната изведба на филхармонијата на отворено – истакна Шилегов.

Аранжманите за музичките теми ги направи Владимир Николов, а оркестарот ќе настапи под диригентската палка на Џијан Емин.

– Скопје добива нова традиција, концерти на отворено во Градскиот парк. На овој начин ги промовираме вистинските културни вредности и содржини, затоа што културата треба да биде за сите граѓани – додаде Шилегов.

Тој посочи дека Градскиот парк е место за забава и рекреација за сите граѓани, поради што, Градот Скопје континуирано работи на реконструкција на тревниците, одржување и чистење на езерцата, поставување нова урбана опрема, како и на воведување нови услови за продажба на пијалаци и храна.