Вториот дел на годинешото четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура почнува на 22 ноември (петок) со предавањето на Ариане Шпаниер, од Германија насловено како „Современиот дизајн и независните издавачки практики како глас на маргините“.

Предавањето ќе се одржи во Чифте амам, Национална галерија, со почеток во 19.30 часот. Коорганизатор на овој настан е здружението „Проектен простор Прес ту егзит“.

КРИК – Фестивал за критичка култура го организира Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики. Четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои критички ги истражува и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

– Оваа година „КРИК – фестивал за критичка култура“ се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која, во постојан разговор и конфронтација се сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме и низ овој втор дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор – велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.

Во предавањето на Ариане Шпаниер ќе стане збор за списанието „Fukt“, кое во изминатите 20 години го истражува современиот цртеж. Низ годините има изградено богата архива на рачно цртани уметнички дела. Во последните изданија критички истражува теми како што се родот, текстот и зборовите во цртежот и системите. Предавањето ќе се фокусира на приказната за издавањето, паралелно на лична перспектива, како и на пошироката слика на создавањето траги, дизајнот и креативниот процес.