Седумдесетгодишното постоење на Националната галерија на Македонија (НГМ) завчеравечер беше свечено одбележено во еден од нејзините три активни објекти, во „Даутпашиниот амам“ од каде што во 1948 година и започнала нејзината значајна и богата историја. Овој репрезентативен галериски простор беше исполнет со уметници, политичари, со луѓе од различни општествени сфери, од културата и уметноста прославувајќи го постоењето на институцијата. Како што истакна директорката на галеријата, Дита Старова Ќерими, институцијата претставува „универзален храм на репрезентативното богато творештво, кое оставило трајно сведоштво за ликовната уметност на овие простори и пошироко“.

Беше отворена изложбата „Почетоци за паметење“ 1948-1956 од архивата на НГМ, чиј организатор е кустоската Славица Алексоска. Изложбата содржи 150 листа оригинална архивска документација од мошне значајниот период на нејзиното формирање, но и од почетоците на формирањето на вредната збирка на уметнички дела што денес се состои од повеќе од 2.376 музејски предмети. Се обрати и претседателот на МАНУ, Таки Фити. Ќерими им додели благодарници на премиерот Зоран Заев, на претседателот на академијата, на дел од амбасадорите во земјава, а благодарници добија и новинари од културата.