Друштвото на филмските работници на Македонија испраќа последен поздрав за еден од најголемите филмски автори од Македонија – Кирил Ценевски, кој почина денеска на 76-годишна возраст. Погребот ќе се одржи утре (18.06.2019), на Градските гробишта Бутел од 11 часот.

Ценевски по многу параметри претставува уникатна појава во македонската кинематографија. Уште со првиот филм „Црно семе“, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.

Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943. Филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занима уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот „Црно семе“, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври и др.

Кирил Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.