Синоќа во Букурешт, по кратко боледување почина Јон Карамитру (79), балканската театарска легенда и прв министер за култура на Романија по падот на Николае Чаушеску. Неговата исклучително богата театарска и филмска биографија, како актер и режисер, ќе остане во аналите на европеизацијата на Балканот, бидејќи на негова иницијатива беше формирана театарската мрежа НЕТА, во непосредна соработка со поранешниот министер за култура на Македонија Благој Стефановски и поранешниот Министер за култура на Црна Гора, Бранислав Мичуновиќ – Жага.

По крвавите војни на просторите на бивша Југославија, во НЕТА влегоа 67 професионални театри, не само од Југославија, туку од сите балкански земји, остварувајќи го сонот дека „Балканот е срцето на Европа“.

Неговата поврзаност со Македонија остави неизбришливи траги со неговите режисерски креации во Народниот театар во Битола и поголем број претстави на „Охридско лето“. Тој претседаваше со симпозиумот „Хамлет во историјата на Европа и на Балканот“, кога во Скопје ги собра сите големи актери од Балканот што го играле Хамлет и непосредно по тој настан беше прогласен за „Doctor Honoris Causa“ на универзитетот „Еуропа Прима„. Покрај тоа, тој го понесе и признанието за животно дело „Актер на Европа“ во Преспа 2016, а на фестивалите во Париз и во Берлин, истата година беше прогласен за „Актер на Југоисточна Европа“.

Неговата балканофилија и приврзаноста кон единството на Европа беше крунисана на 29 октомври 2017 година, во Националниот театар на Романија во Букурешт, кадешто тој беше долгогодишен директор, беше формирана „АКАДЕМИЈА БАЛКАНИКА ЕУРОПЕАНА“ која собра триесеттина врвни уметници од десет балкански земји и која оствари голем број на проекти, афирмирајќи ја балканската култура во европските центри, посебно низ веб-ревијата „Мостови“ (The Bridge).