Актерот Славиша Кајевски почина на 39-годишна возраст, соопшти неговата матична куќа Македонскиот народен театар (МНТ). Кајевски е роден на 1 февруари 1982 во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005. Од 2010 е актер во МНТ.

– Нѐ остави збунети, во болка и во неверување! Нѐ остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената. Остана да те гледаме како Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“… – наведуваат од МНТ.

Комеморацијата е утре во 10 часот, а погребот е во 12 часот, во капелата Ѓорче Петров.