Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави книгата „Почетоците на кинеската цивилизација“ од Ли Чи – еден од основоположниците на кинеската археолошка наука, во превод од англиски јазик на Сибела Ајдинова. Издавачот посочува дека „по близу шест децении од поставувањето на темелите на кинеската археологија, сè уште во Кина доминираа размислувањата, постулатите и концепциите на Ли Чи (1896 – 1979)“.

Археологот Ли Чи по дипломирањето од елитната академија „Тсингхуа“ бил испратен во САД да студира психологија и социологија каде што се запознава со антропологијата од која бил и фасциниран. На „Харвард“ каде што во 1923 година докторирал, тој стекнал знаење за физичката антропологија, археологијата и етнологијата што понатаму му користело во кариерата во Кина каде што работел и како универзитетски професор. Тој бил првиот кинески студент, кој истражувал археолошки локалитет и раководел со ископувањето на неолитската јангшао култура, на локалитет лоциран во Хси-јин-тсун во Хсиа Хсиен, јужен Шанси, под закрилата на институтот „Тсинг- хуа“ и уметничката галерија „Фрир“ во Вашингтон. Во 1928 година Ли Чи ги открил првите пишани документи за династијата Шанг и во наредниот половина век станал национален лидер во археологијата.

Во „Почетоците на кинеската цивилизација“ на Ли Чи се објавени неговите најдобри статии за кинеската археологија каде што тој дава интегрален преглед за почетоците и за развојот на кинеската цивилизација. Освен за своите најзначајни истражувања и ископувања за раниот развој на Кина, Ли Чи меѓу другото, пишува и за некои антрополошки прашања за истата земја.