Гостинот од Хрватска, Бруно Шимлеша

Во ВИП-арената „Борис Трајковски“ во тек е јубилејното 30-то издание на Саемот на книгата, една од најзначајните културни манифестации во државата.
– Следејќи го своето убедување дека понудената содржина е она што ги привлекува читателите и оваа година нудиме програма преполна со нови книги, промотивни настани, предавања, средби со автори и, секако, саемски попусти. Богатата понуда вклучува над 25 нови популарни дела од светската книжевност, како и книги од повеќе македонски автори – велат од издавачката куќа „Три“.

Познатите „Џелат на љубовта“, „Пророкот“, „Разговори со Бога“, „Девојката што пишуваше на свила“, „Контури“, „Ехо на слободата“, „Водич за здрав живот“, „По дождот“, „Парфем“… се само некои од книгите што тие ги препорачуваат.
Посетителите на саемот ќе можат да присуствуваат на промоции на романот „Еретички писма“ од Стефан Марковски, на интригантните „Шеесет раскази“ од Дино Буцати, на збирката поезија „Патот“ од Виолета Танчева-Златева. На штандот ќе ги потпишуваат своите книги: Ана Јовковска, Александар Митов, Винка Саздова, Јагода Михајловска-Георгиева, Стефан Марковски, Коста Петров, Владимир Ристевски, Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Томислав Кежаровски, Илина Ведран, Катерина Ангеловска, Ивана Горичин, Милош Димковски, како и гостинот од Хрватска, Бруно Шимлеша.