Македонскиот народен театар со монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба и режија на Ѓорѓи Јолевски, на 26 јуни ќе земе учество на 22. Интернационален фестивал на монодрама во Битола.

Монодрамата е во продукција на Ѓорѓи Јолевски во копродукција со Македонскиот народен театар и Перипетија продукција од Скопје. Ова е претстава за изолацијата и стареењето, за кревкоста на сеќавањето, за нашиот комплексен однос со технологијата, за свет во кој времето неповратно минува и бројните ограничувања со кои нѐ соочува животот. Претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти.

Отворањето на фестивалот е на 22 јуни во Народниот театар во Битола, фестивалската програма ќе трае од 22 до 27 јуни и ќе учествуваат десет монодрами во официјална конкуренција, сите продуцирани во нашата држава, а изведбата на „Последната лента на Крап“ ќе се одржи во Центарот за култура во Битола на 26 јуни, со почеток во 22 часот.