Вечерва во 20 часот, Кинотеката на Македонија ќе испрати последен поздрав до доајенот на театарското и на филмското глумиште, Салаетин Билал, со проекција на филмот „Прашина“ во режија на Милчо Манчевски.
Салаетин Билал беше театарски, филмски и телевизиски актер, кој студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје, а како актер гостува и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма. За своето актерско умеење бил награден како најдобар артист на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1976 и 1990 година, а на Театарските игри во 1992 година ја добил награда за најдобра споредна улога. Двапати бил добитник на наградата што ја доделува ревијата „Екран“ – актер на годината во 1976 и 1977 година. Добитник е и на општествените признанија „13 Ноември“ – награда на градот Скопје за 1977 г., а во 1984 г. го доби највисокото републичко признание наградата „11 Октомври“.
Во филмографијата на Салаетин Билал се вбројуваат и филмските остварувања: „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Полноќно сонце“ (1982), „Македонска сага“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипски меџик“ (1997), „Прашина“ (2001), „Трето полувреме“ (2012), „До балчак“ (2014) и др. Покрај филмските остварувања, запаметени ќе останат и неговите телевизиски остварувања: „Волшебното самарче“ (1975), „Итар Пејо“ (1977), „Солунски патрдии“ (1986) и уште многу други.