Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп го објави новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ за 2021 г. Бројот тематски е посветен на одбележување на 100-годишнината од раѓањето на великаните Блаже Конески и Коле Чашуле.
– Во рубриката „Разговор со Конески“ се објавени прегледи, студии, осврти и сеќавања на творештвото и ликот на Конески од авторите: Катица Ќулавкова, Санде Стојчевски, Димитар Пандев/Марија Пандева, Миле Спирковски, Игор Поп Трајков и Снежана Каратошеска. Застапени се и поезија и проза на повеќе автори што со почетните текстови им се обраќаат на Конески и неговото дело: Христо Петрески, Филиз Мехметоглу, Весна Ацевска, Љубица Трајкоска, Мирјана Недева и Тања Аждаја – вели уредничката Габриела Стојаноска-Станоеска.
Во рубриката „Дијалози со Чашуле“ читателите можат да ги прочитаат првпат и постхумно објавениот расказ на Коле Чашуле „Незабошотеното кафе“, анализи и записи за неговото драмско творештво од авторите Ацо Гогов, Ана Стојаноска, Иво-Митев-Жиле и Каролина Мицевска, како и книжевни текстови инспирирани од неговиот лик и дело на Сузана Ѓорѓиевска и Сашо Димоски.
Рубриката „Поезија“ на летниот број го претставува поетскиот циклус „Поле на волшепства“ на поетот академик Влада Урошевиќ. Во рубриката „Златен венец на Струшките вечери на поезијата“ е застапена поезија на годинашниот лауреат – поетесата Керол Ен Дафи.
– Рубриката „Препеви, преводи“ донесува прва објава на македонски јазик на поезијата на реномираниот турски поет Метин Елоглу во препев на Филиз Мехметоглу, а исто така и песни од новиот италијански глас, младиот поет Џерардо Масучо, препеани од Наташа Сарџоска – велат од редакцијата.
Во рубриката „Критики, есеи, студии“ е објавен есејот „Силјан Штркот како втемелувачки национален наратив“ на Елизабета Шелева, во кој се изнесени согледби и книжевни и вонкнижевни паралели меѓу текстовите на Марко Цепенков, Митко Маџунков и македонската актуелна стварност (на егзистенцијален и идентитетски план).