Со претставување на творештвото на поетот и есеист Гојко Божовиќ од Србија, во книжарницата „Буква“, во Скопје, завршува фестивалот „Про-за Балкан“. Портретот за Божовиќ го подготви писателот Александар Прокопиев. Тие најавија дека ќе зборуваат за предизвиците и дометот на преводот, местото и презентацијата и промоција на современата српскa литература, како и за еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш. Предвидена е и промоција на македонскиот превод на книгата „Рани јадови“. Овој превод го издаде издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.
Настанот е дел од дополнителната програма на 9. интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“, а се реализира во соработка со српскиот културен центар „Спона“.
Гојко Божовиќ (1972) e и литературен критичар, уредник и издавач. Ги издал книгите поезија: „Подземно кино“ (1991), „Душата на ѕверот“ (1993), „Песни за нештата“ (1996), „Архипелаго“ (2002), „Елементи“ (2006), „Околни божества“ (2012), „Карта“ (2017), „Тивкиот ѕвер на пладне“ (избрани песни и хроники, 2019). Книги од избрани песни на Гојко Божовиќ се издадени во Русија, Бугарија, Македонија и во Хрватска. Три книги песни од Гојко Божовиќ се издадени на македонски јазик („Елементи“, избрани песни, 2010; „Околни божества: песни и хроники“, 2014, и „Мапа“, 2019), како и книгата есеи „Книжевноста и дните“ (2021).
Тој е основач и одговорен уредник на издавачката куќа „Архипелаг“ (Белград 2007) и Белградскиот фестивал на европската литература (Белград 2012) и потпретседател на српскиот ПЕН-центар.