Изложбата на фотографот Сашо Алушевски, „Портрети на уметници“, ќе биде дел од програмата на „Скопско лето“ – 2021, кое ќе се отвори на 20 јули, 2021, во 20 часот, во салонот на Културно информативниот центар.

Фотографиите што ќе бидат дел од оваа изложба, се направени со мокар колодиумски процес – фотографска техника од средината на XIX век.


Поради неговата тежина и специфичност, се бават само мал број врвни уметници во светот, а се смета за една од најблагородните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии.


Ќе бидат изложени дваесетина фотографии, со димензија 100х70 сантиметри, односно, човековите лица ќе бидат претставени многу поголеми од нивната природна големина. Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи.

За овој проект „Портрети на уметници“ пред објективот на Сашо Алушевски застанале уметници од различни генерации, а истите се познати македонски имиња: Стефанија Гаштарска, Миро Масин, Сергеј Андреевски, Ивана Коцевска, Бранислав Николов, Игор и Ана Дурловски, Тамара Котевска…