Со операта „Порги и Бес“, Џорџ Гершвин (1898-1937 г.) отворил нова страница во историјата на операта, а и на музиката. Во 1935 година сериозната музика не се занимавала многу со социјални драми, ниту со теми од секојдневниот живот, особено не од животот на Афроамериканците од работничките предградија во Америка. Операта е напишана на англиски јазик, што исто така е невообичаено, а Гершвин оставил своевиден аманет улогите во операта секогаш да ги толкуваат само црни пејачи.

Премиерата се одржала во Њујорк, на Бродвеј, на 30 септември 1935 година. Публиката, сочинета од видни луѓе од американскиот џет-сет, меѓу нив биле и холивудските ѕвезди како Џоан Крафорд и Кетрин Хепберн, со восхит ја проследила музиката, која била мешавина на сериозна музика и џез. По премиерата бил приреден гламурозен коктел на кој Џорџ Гершвин, лично, свирел нумери од партитурата, преработени за пијано. И сите биле среќни и весели. Но веќе утредента, критичарите, а и не само тие, почнале со безбројните сомнежи и прашања – зошто еден композитор белец напишал опера за црнците. Дали темата е соодветна за опера? И најчестото прашање – дали, со оглед на тоа дека „Порги и Бес“ отстапува од класичното видување на операта, а притоа премиерата се одржала на Бродвеј, станува збор за опера или за мјузикл.

Контроверзиите се засилиле по европската премиера, одржана во Копенхаген за време на Втората светска војна. Еврејски композитор со руско потекло, а со американско државјанство, напишал опера за двајца млади Афроамериканци и таа се изведува во Европа окупирана од нацистите. Окупаторот сметал дека се работи за провокација. Исто како и критичарите во Советскиот Сојуз, кога за време на Студената војна, „Порги и Бес“ била изведена во Москва и во Ленинград.

Но зарем е важно на кој јазик се пее „Порги и Бес“ и од која раса се главните ликови? Зарем е важно на кој жанр му припаѓа? Гершвин ни оставил раскошно убава музика, а музиката е универзален јазик, кој го разбираат сите што имаат отворено срце да го почувствуваат.

(Во сезоната 2019/2020, по пауза од 30 години, „Порги и бес“ триумфално се врати на сцената на МЕТ)

Лада Шоптрајанова Петровска