Македонија станува дел од ревидираната Европска конвенција за кинематографска копродукција, во која покрај членките имаат право да учествуваат и земјите што не се дел од Европската Унија, а имаат потенцијал и кадар за работа на интернационални проекти.
Целта на ревидираната Конвенција е да обезбеди правна и финансиска рамка за копродукција на долгометражни филмови, во кои се вклучени продукции основани во три или повеќе држави потписнички.

Тоа значи дека двојно се намалени условите што мора да ги исполнуваат продукциите за да се сметаат за копродуценти. Мултилатералните копродукции сега имаат минимално учество од 5 отсто (претходен процент 10 отсто), додека билатералните копродукции имаат минимално учество од 10 отсто (претходен процент 20 отсто).
– Задоволен сум што нашата земја добива подобра шанса да биде дел од големи европски филмови во улога на копродуцент. Двојното намалување на условите за учество во филмови што некогаш се многу скапи за нас значи подадена рака во европската кинематографија – вели Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуроимаж ја има надлежноста врз ваквите проекти, но и за нив ќе овозможи споделување на најдобрите практики за полесно заокружување на ваков тип соработки. Оваа олеснителна околност за македонските продукции официјално стапува во сила на први октомври 2020 година.