Меѓународната соработка на Националната галерија на Македонија со сродни институции од регионот ќе овозможи, вечерва во 19 часот, на македонската публика да ѝ се претстави Софиската градска уметничка галерија. Изложбата „Попладнето на една идеологија“ ги претставува уметничките дела во сопственост на галеријата со „неуметнички очи“, барајќи во нив сведочења за едно време и начинот како ги доживувале уметниците. Куратори се Георги Лозанов и Георги Господинов.
– Сметајќи на тоа дека тие на сопствен јазик ги пишувале страниците од микроисторијата на комунизмот, дека творецот секогаш учествува во „двојна игра“, додека ја прикажува реалноста, и таа дејствува на него, присуствува во неговите дела по негова волја, но и независно од неа. Во таа смисла, естетските квалитети не се водечки при изборот на сликите и скулптурите, но далеку од тоа дека ги нема – меѓу нивните автори се некои од најзначајните бугарски уметнички имиња како: Љубомир Далчев, Иван Кирков, Васка Емануилова, Павел Којчев, Галин Малакчиев, Атанас Јаранов, Димитар Казаков, Милко Божков, Љубен Зидаров, Андреј Даниел, Недко Солаков, Вихрони Попнеделев, Станислав Памукчиев, Текла Алексиева, Ванко Урумов… – најавуваат од Националната галерија на Македонија.