Во рамките на традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“, ќе се одржи концерт на Вроцлавски барокен ансамбл, в среда во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. Ќе настапат сопранот Алтона Бартник, контратенорот Пјотр Лајковски, тенорот Бенјамин Глаубиц и басот Јержи Бутрин, под диригентската палка на Анджеј Косендиак.

Вроцлавскиот барокен ансамбл е основан од Анджеј Косендиак, кој во исто време е и уметнички директор и диригент на овој состав. Ансамблот е постојано активен и соработува со музичари од Вроцлавскиот барокен оркестар, како и со голем број други изведувачи од Полска и Европа. На нивниот репертоар, пред сè, е барокната музика со особен акцент на онаа од полските композитори. Покрај камерните дела, ансамблот често изведува и ораториуми и кантати. Досега се претставил на најголемите фестивали во Полска, има издадено неколку компакт-дискови, од кои значајни се оние со музика на полскиот композитор Гжегож Гервази Горчицки.

Како директор на Националниот форум за музика „Витолд Лутославски“, диригент и професор, Анджеј Косендиак се смета за еден од најактивните музичари и промотори во Полска. Покрај останатите ангажмани, значајно е неговото директорско место во Вроцлавската филхармонија и на интернационалниот фестивал „Wratislavia Cantans“. Тој е и основач на хорот и машкиот детски хор на Националниот форум за музика, како и на Вроцлавскиот барокен оркестар. Посебен интерес Косендиак покажува за музиката од раниот период. Доста активен е и во својата диригентска дејност, постојано одржувајќи концерти со Вроцлавската филхармонија и хорот на Националниот форум за музика, со Вроцлавскиот барокен оркетар, како и со повеќе други полски оркестри. За својата работа добитник е на многу награди.

Алдона Бартник студиите ги завршува на Кралскиот конзерваториум во Хаг, специјализирајќи изведба на музика од раниот период. Во нејзината кариера најзначајно е камерното музицирање, како дел од вокално-инструментален ансамбл или хор. На нејзиниот репертоар најзастапена е музиката од полски композитори, што ја прави оваа солистка еден од најголемите промотори на полската музика во светот. Во нејзината дискографија се вбројуваат неколку компакт-дискови, повеќето од нив направени со Вроцлавскиот барокен ансамбл. Четири од нив изминативе години
биле номинирани за престижната полска музичка награда „Фредерик“.

Пјотр Лајковски е полски контратенор кој своите изведувачки вештини ги усовршува на многубројни работилници и мајсторски курсеви во Полска и надвор од неа. Специјализира на полето на барокната музика, главно осврнувајќи се на ораториумите и кантатите од тој период. Во својата кариера соработува со голем број ансамбли и изведувачи на музика од раниот период. Моментно работи како професор по соло пеење на Академијата за музика и Средното музичко училиште во Вроцлав. Тој е еден од основачите и директор на Интернационалниот натпревар по соло пеење „Анджеј Хиолски“.

Тенорот Бенјамин Глаубиц своите музички почетоци ги бележи во познатиот машки детски хор на лутеранската црква „Кројцкирхе“ во Дрезден. Додипломските и постдипломските студии ги завршува на Универзитетот за музика во Дрезден, а потоа продолжува да се усовршува под менторство на еминентни имиња од полето на вокалната музика. Постојано е присутен на музичките сцени и соработува со реномирани ансамбли и добро познати диригенти од целиот свет. Настапува како солист, но и како камерен музичар во голем број значајни музички центри во
Европа, Азија и Јужна Америка.

Полскиот бас-баритон Јержи Бутрин се школувал на Музичката академија во Вроцлав, а со стипендија на програмата „Еразмус“ своите вокални способности ги усовршува на Колеџот за музика во Детмолд. Во моментов се наоѓа на своите докторски студии на вокалниот оддел на Музичката академија во Вроцлав. Учествувал на вокални работилници и мајсторски курсеви предводени од големи светски оперски пејачи. Бутрин е и добитник на бројни награди на натпревари по соло пеење. Соработува со повеќе ансамбли специјализирани за изведба на музика од раниот период.