Расказот „Пад на системот или како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ е победник на годинашниот конкурс за најдобар расказ, што го распишува општината Охрид во чест на Живко Чинго. Комисијата во состав: Кристина Николовска – претседателка и Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски – членови, едногласно одлучи наградата „Живко Чинго“ за 2019 година да му се додели на овој расказ, под шифрата „Единаесет“.

На Конкурсот за најдобар расказ во предвидениот рок пристигнаа 41 расказ што ги задоволуваа конкурсните критериуми. Од нив комисијата избра 14 раскази, а во потесен круг влегоа и расказите „Африка“ и „1317“.

Наградeната творба се издвојува од другите по својата инвентивност, по успешното и издржано водење на нарацијата со која му ја поттикнува фантазијата на читателот, со откривањето нови теми со кои се актуализираат дилемите на современиот начин на живеење.

Наградата на авторот ќе му биде врачена на 13 август на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ што ќе се одржи во неговото родно село Велгошти.