Во Македонскиот народен театар, во рамките на годишната програма поддржана од Министерството за култура, започнаа подготовките на претставата „Бесачи“ по текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев. Премиерата се очекува кон средината на септември и ќе биде одиграна на големата сцена во МНТ.

Авторот на текстот, Мартин Мекдона, е познат по неговите црни комедии кои се поставени во голем број театри низ светот. „Сакатиот од Инишман“, „Поручникот од Инишмор“, „Човек перница“, „Убавицата од Линејн“, а за неколку од нив е и номиниран за престижните награди „Тони“ и „Лоренс Оливие“. Тој не е само драматург со одлична креативна моќ, туку е и етаблиран сценарист и режисер на филмовите: „Сикс-шутер“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“. Во светот на театарот е познат по тоа што вовел нов жанр, театарски правец со презентирање на бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови, а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични.

За бугарскиот режисер Јавор Грдев ова е прва соработка со МНТ. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 театарски претстави во повеќе земји низ Европа и е добитник на повеќе од 45 награди. Овојпат Грдев го одбира текстот „Бесачи“, кој за првпат ќе биде поставен пред македонската публика.

– Основната причина што текстот „Бесачи“ го поставувам на сцената на Македонскиот народен театар е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина. Уште од 2015 година ја имам предвид оваа пиеса и трагав по соодветно место и ансамбл каде што ќе ги имам сите можности за поставување на таков голем проект. Друга, многу важна мотивација за поставување на овој текст е неговата тема. Пиесата се занимава со тема која привидно веќе е решена и во Македонија и во Бугарија, а и во многу други држави. Станува збор за смртната казна, но Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста. Причината за тоа е што тој верува дека покрај укинувањето на смртната казна, сепак, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат човековиот дух. Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата – објаснува режисерот Грдев.

Во претставата игра веќе докажаната актерска екипа од ансамблот на МНТ: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов, инспициент Вукица Александрова и суфлерка Тања Ивановска.