По повод стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски на 15 јануари ќе се одржи поетско читање со наслов „Произведувачи на зборот“, со почеток во 19:30 часот во галерискиот простор на Културно-информативниот центар во Скопје. Настанот е организиран од Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Стихови од Јаневски ќе читаат актерите Ана Костовска и Владимир Петровиќ, додека со свои песни и творби ќе настапат петнаесетина поети, меѓу кои Зоран Анчевски, Николина Андова Шопова, Иван Шопов, Јовица Ивановски, Сашо Гигов Гиш, Ана Голејшка Џикова, Ненад Јолдески, Биљана Стојановска, Ѓоко Здравески, Владимир Лукаш, Славица Диневска, Андреј Ал-Асади, Д.А. Лори, Елизабета Баковска, Милован Стефановски и други.

За музичкиот дел ќе се погрижат Полина Тасева (вокал) и Иван Петровски (гитара).

Истиот ден во 19 часот делегација на Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе положи цвеќе на неговиот споменик во паркот Жена-борец.