На 58. „Струшки вечери на поезијата“ денеска во Струга, во конгресната сала на хотелот „Дрим“, во 10 часот, ќе започне „Поетско кафе“ со лауреатката на годинешниот „Златен венец“, Ана Бландијана, а во 12.30 часот на прес-конференција ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“. Во Охрид, традиционално, пак, во 20.30 часот, во црквата „Св. Софија“, ќе започне претставувањето на поетскиот портрет на Бландијана, а вечерта ќе заврши со „Ноќ без интерпункција“, во Центарот за култура во Струга.

Фестивалот свечено ќе биде затворен утре, со меѓународното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, а претходно, на „Ин вино веритас“ ќе биде прогласена најдобрата песна посветена на виното. Фестивалот свечено ќе биде затворен на полноќ, со прогласување на добитникот на наградата „Енхалон“ во прес-центарот во хотелот „Дрим“.