Годинашната 33. Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 20 до 22 август на повеќе локации во селото Велестово и во Охрид. Ова издание е посветено на поезијата на Ристо Лазаров, а ќе биде поставена и ликовната изложба „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“. Манифестацијата ќе биде отворена на 20 август, во 21 часот, во селото Велестово, Охрид, со настап на гитаристот Мартин Милески од Охрид. За делото на Лазаров ќе беседи Димитар Пандев, а стиховите ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски. Водителка на програмата ќе биде Марина Димовска. Специјални гости на настанот ќе бидат семинаристите што ќе учествуваат на годинашната 54. Летна школа на Mеѓународниот семинар за македонски јазик, литeратура и култура.
Потоа, во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово, истата вечер, ќе биде отворена и изложбата „Татко и син Упевче (мозаици и цркви)“ на академските уметници Славко Упевче и Никола Упевче од Охрид. Со изложбата се прославува 30-годишнината од отворањето на нивното ателје во Охрид.
На 21 август, во кафе-барот „Шила“ во Охрид, ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое со видеопроекција ќе се претстават Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, а се очекува и присуството на Надија Реброња од Србија и на македонскиот поет Андреј Ал-Асади. Планирано е и трето поетско читање, настанот „Поезија Залез“, што годинава би требало да се одржи на кајчиња во Охридско Езеро, но доколку временските услови не дозволуваат, читањето ќе се одржи на алтернативна локација во селото Велестово. За овој настан е планиран настапот на Надија Реброња (Србија), како и на домашните поети: Долорес Атанасова-Лори, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади.