фотографија: Ема Беднарж

Во Скопје, публиката имаше можност да погледне седум поетски филма на Бактијаревиќ, правени според песни на светски поетски имиња, како што се Сергеј Тимофеев, Марија Дејановиќ, Танос Гогос, Ким Симонсен, Вонбјошт Ванг, како и на македонските поети Лидија Димковска и Ѓоко Здравески

Валентина Бактијаревиќ, поетеса, актерка и филмаџика

Валентина Бактијаревиќ е српска поетеса, преведувачка, актерка и уредничка на порталот за книжевност астронаут.ба, како и на порталот блудни.стих. Првата збирка поезија „Помеѓу“, која Бактијаревиќ ја објави на македонски јазик („Антолог“, 2019), ѝ е посветена на Калина Велевска, младата планинарка што трагично го заврши животот на 10 февруари 2018 година на Кајмакчалан.
Нејзината втора книга „Кршење коски“ („Дибидус, комикс енд букс“, Белград, 2021), веднаш по објавувањето, предизвика голем интерес кај српската, но и кај македонската публика.
Во светот на Бактијаревиќ сѐ е поезија, од начинот на кој се јаде, како се полеваат цвеќињата, па до пазарењето зеленчук на локалните пазари. Затоа не е чудо што од песна Бактијаревиќ умее да направи филм. Таа веќе има направено повеќе филмови, кои и македонската публика имаше можност да ги гледа на неодамна одржаниот „Скопски поетски фестивал“.


– Поезијата и филмот ги поврзува процесот што се случува во нас и оној другиот, надворешниот, кој не е помалку важен. Заедно создаваат поглед и потоа го пуштаат, се случува ослободување што секој го доживува низ својот калеидоскоп. Поезијата ми е мене сето она искрено и чисто што ни се случува во стомакот. Филмот е истото тоа, само со можност некои кадри да ги повторам повеќепати – вели Бактијаревиќ.
Поезијата умее да врамува отсечки од реалноста и да личи на филмска лента, но и филмската уметност сведочи дека понекогаш е можно филмот да биде попоетичен и од самата поезија.

– Зависи колку поетичност даваме во создавањето на филмот и, обратно, колку искреност дава уметникот, толку му се верува, па со самото тоа и доживувањето кај публиката е поинакво. Од идејата, снимањето, па до монтирањето, уживам во целиот процес на создавањето на филмот. Веројатно како и сите што ги интересира тоа и што го сакаат филмот – вели Бактијаревиќ за процесот на создавање филмови.
Во Скопје, публиката имаше можност да погледне седум поетски филма на Бактијаревиќ, правени според песни на светски поетски имиња, како што се Сергеј Тимофеев, Марија Дејановиќ, Танос Гогос, Ким Симонсен, Вонбјошт Ванг, како и на македонските поети Лидија Димковска и Ѓоко Здравески.
– Актерите што можевте да ги гледате на фестивалот се Катарина Пешиќ, која моментално снима два големи филма во Србија, Стефан Младеновиќ, кој ѝ е познат на театарската публика во Ниш како еден од најдобрите актери од помладата генерација, Оља Игњатовиќ, која веќе играше во неколку наши кратки филмови, Милош Митровиќ е студент на прва година актерска игра, ама зад себе веќе има остварен мјузикл и филмови, Зоран Цветковиќ е книжевник, актер и режисер што има многубројни награди на театарските фестивали низ Србија и регионот. Сите тие се прекрасни луѓе и радост ми е што работев со нив – вели Бактијаревиќ за актерите во поетските филмови.


Неконвенционални и длабоко емотивни се филмовите на Бактијаревиќ. Синтеза за уметностите умее да прави само оној што во својата ДНК ја има врежано уметноста на светот.
– Среќна сум што можев и можам да создавам филмови со мои пријатели и да имаме нешто толку убаво што има тенденција да биде уште поубаво – додава Бактијаревиќ.