Изборот од поетското творештво на Блаже Конески, содржан во книгава „Дете – тоа гордо звучи“, е направен од десетина негови поетски збирки, како и од збирката прозни записи „Дневник по многу години“. Преку неа се отвора можност за надлежните институции да ја увидат потребата од прогласување на дел од творештвото на овој наш неповторлив книжевен и јазичен родоначалник за дел од задолжителната лектира во основните училишта, вели Жарко Кујунџиски од „Антолог“

Издавачката куќа „Антолог“ деновиве отпечати една ретка книга од домашната ризница дела наменети за деца и млади. Станува збор за избор од поетското творештво на Блаже Конески содржан во книгата „Дете – тоа гордо звучи“, која, според издавачот, треба да стане задолжителна лектира за основното образование.
– Не случајно годината 2020 ја започнуваме со книга за деца. И тоа не која било или каква било книга за деца. Книга од Блаже Конески, кој првпат е виден и прочитан од ваков ракурс. Првпат, и тоа во годината во која треба да се одбележат 75 години од појавувањето на „Мостот“, неговата првообјавена збирка. Резултатот е повеќе од изненадувачки, каква „стерна“ и „преполна сила“ поттикнуваат и кај најмладите читатели неговите стихови. И ова е наш предлог за задолжителна лектира во шесто одделение во основните училишта, нешто што, веројатно, требаше одамна да биде направено – вели Жарко Кујунџиски, писател и сопственик на издавачката куќа „Антолог“.

Книгата е дополнета со поговор на Весна Мојсова-Чепишевска и со специјално изведени илустрации на нашиот и светски илустратор Александар Сотировски. Книгата е веќе во продажба во книжарниците на „Антолог“.

– Изборот од поетското творештво на Блаже Конески, содржан во книгава „Дете – тоа гордо звучи“ (со наслов позајмен од стих од негова песна), е направен од десетина негови поетски збирки, како и од збирката прозни записи „Дневник по многу години“. Преку неа се отвораат нови можности и видици за учениците од основните училишта видливо и читливо да се уверат во сестраната насоченост на неговиот креативен дух, а на надлежните институции да ја увидат потребата од прогласување на дел од творештвото на овој наш неповторлив книжевен и јазичен родоначалник за дел од задолжителната лектира во основните училишта – вели Кујунџиски.

Оваа недела само со картичката за лојални читатели книгата може да се купи по специјална цена од само 200 денари.

Професорката Весна Мојсова-Чепишевска, која на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје предава македонска литература за деца, смета дека не смееме да заборавиме дека литературата за деца е еден многу сериозен сегмент во една национална литература.

– Ако не ги научиме децата да читаат и да ѝ се посветуваат на литературата, тогаш не можеме да очекуваме и сериозни читатели подоцна, кога тие ќе станат возрасни. „Овчарче“, „Македонче“, „Пионери и пионерки, бубачки и шумски ѕверки“ и поемата „Мице“ – тоа е првата низа од лектири од авторите Лазо Каровски, Ванчо Николевски и Славко Јаневски отпечатени уште во 1946 година. Денешните деца сѐ уште уживаат и растат на пример со „Зоки Поки“ од Оливера Николова, со „Големи и мали“ на Бошко Смаќоски, „Касни порасни“ на Петре М. Андреески и ред други. Тоа се култни книги или евергрини во литературата за деца – рече во една пригода Чепишевска.

Таа на Семинарот за македонски јазик во Охрид истакна дека е потребна ревизија и на лектирните изданија.

– Покрај бардовите во македонската литература за деца, одговорните треба да размислат за внесување нови наслови и да се поттикнат младите автори да пишуваат на нови, поблиски теми за денешните деца и млади – смета Чепишевска.