Лазе Трипков, дизајнер, сценограф

Перото е едро, а едрото е она што го дава правецот кон слободата на авторот, поединецот, групата, дојденецот, домаќинот, раселениот, изгонетиот, жедниот, вљубениот, осамениот…, вели авторот на дизајнот на плакатот на 57. „Струшки вечери на поезијата“

Како автор на мошне ефектниот дизајн на плакатот за годинешното издание на 57. „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), како би го опишал процесот на составување на визуелната приказна во чиј центар е мало бротче од испишана хартија со перо од птица наместо јарбол. Што беше клучно за ова решение, кое од самото појавување привлече убави реакции во јавноста?
– Ме радува сознанието дека плакатот наиде на позитивни вибрации во јавноста. Секој процес е посебен предизвик, кој бара посебен пристап и носи посебна а сепак иста артикулација/симболика и порака. Плакатот е магична равенка…, а додадената вредност и она што едно дело го чини да биде успешно, функционално и трајно, е емоцијата! Впрочем, емоцијата е „играта“ со која сакам да ги пренесам суштинските нијанси во креирањето на визуелните дела, бидејќи начинот на кој вие ќе го артикулирате може или не мора да се идентификува со вас, или ве привлекува и ве плени, или ве оддалечува. Не постои средина. Во тој дел директорот на СВП, Мите Стефоски, кога ме повика да го изведам ликовното решение, освен тематиката и проблематиката што е опфатена како концепт на годинешното издание, а тоа е проблемот со миграцијата (проблем со кој се соочуваат Европа и целиот свет, па секако и ние како дел од него), понатаму, поезијата во егзил, ја имав целосната слобода да создавам. Во дизајнот има една работа што е многу важна и која вреди да се истакне, а тоа е да се разграничи улогата на дизајнерот и нарачателот.
Што беше клучно за ова решение? Јас тргнав од фактот дека поезијата, како и секоја уметност, секогаш има одредена цел. Искажаниот збор пренесува емоција, емоцијата предизвикува реакција, буди чувства, кои најчесто оставаат некаква трага… Бротчето плови слободно, исправено на ветерот, под ѕвездите, со перо што ја симболизира мислата на искажаниот збор. Перото е едро, а едрото е она што го дава правецот кон слободата на авторот, поединецот, групата, дојденецот, домаќинот, раселениот, изгонетиот, жедниот, вљубениот, осамениот… Сѐ започнува и завршува со зборот, јарболот е симбол на слободата на изразување.

На колку јазици ќе биде отпечатен плакатот?
Плакатот е отпечатен на 25 јазици, од вкупно 30 учесници (има неколку учесници што се од исто јазично говорно подрачје и поради тоа и бројката е правопропорционална). Меѓу нив се арапскиот, монголскиот, хебрејскиот, каталонскиот, турскиот, јазиците на сите наши соседи… Всушност, испишаните пораки на плакатот, мултијазичноста, заедно сочинуваат склоп на една унифицирана и заедничка идеја која е поврзана околу обединувањето на мислата и зборот. Оти мислата ако не е испишана, не може да ја пренесе пораката.

Автор си и на сценографските решенија за ова фестивалско издание, што во нив вгради и дали ти беше потребен престој на самото место за да ја почувствуваш атмосферата во денешна Струга пред започнувањето на фестивалот?
– Огромно е задоволството да ви се даде и можноста да ја проширите и развиете димензијата на вашиот концепт, идеја и мисла преточена во сценографска целина. Целина што има за цел да ја истакне глобалната тенденција на сѐ позастапените миграциски циклуси, како проблем на современото општество и да се обидете да ги испишете тие карактерни ставови во еден сеопфатен визуелен сегмент, поврзувајќи ги со секој искажан збор на секој поет, со секоја нивна судбина и со секоја радост или тага… Таа, наша, нивна судбина излегувајќи од вашето дело е „исцртaна“ во фестивалска рамка на три сцени, која сведочи за времињата, предизвиците и нашиот однос кон самоидентификувањето со нив… Од тој аспект, неколку месеци се создаваше и градеше експресијата, која ја наметнува и целта на директорот на СВП, тој глобален циклус и препреките што ние како луѓе ги поставуваме за да се препознаеме оградени со високи ѕидови со бодликави жици.

Се запраша ли можеби кое е местото на поезијата во твојот живот по ова искуство со фестивалот „Струшки вечери на поезијата“?
– Поезијата е битен сегмент од мојот живот, уште во средно училиште се „испробав“ и на тоа поле и добив републичка награда! Поезијата е љубов, живот, сон, музика, тага, трепет, вино, соѕвездие, мирисот крај Дрим… Уметноста е една, таа зрачи со една фреквенција, независно дали е симбол, збор, звук, нота или движење на телото, суштинско е дека секогаш треба да пренесе порака.

Што друго ја карактеризира твојата работа на полето на дизајнот во меѓународни рамки оваа година? Во јуни беше и член на жирито на 10. Виртуелно биенале во Прага, реализирано на тема „Лажна вест“. Со какви впечатоци се врати?
Навлегувајќи во втората половина од годината, активностите се интензивираа и многу ми е драго дека моите дела се актуелни и барани на меѓународен план. Иако самата уметност не познава граници и има за цел да обедини исти сфаќања, а сепак различни визуелни јазици – јазикот како средство за разбирање и јазикот како модел на идентификација. Па, така, пред неколку месеци пристигна покана од Шенжен, НР Кина, да бидам дел од манифестацијата „Хака импресии“ („HAKKA Impressions“), каде што се селектира по еден автор од неколку држави што ќе биде застапен во нивната тематска колекција. Исто така во јули бев и дел од жирито на „Виртуелното биенале за плакат“ од Чешка, во организација на нивната асоцијација на дизајнери, во група со познати плакатисти од Финска, Словачка, Кина… Додека, пак, во јуни, како дел од најстарото биенале за плакат во Варшава, Полска, во официјалната програма, одржав предавање и ја презентирав активноста на „Скопје постер-фестивал“, како и изложбата на плакати (селекција на 100 финалисти во изминатите 10 години), чиј организатор бев до 2016 година и полека се враќам назад… За жал, поради некои непознати причини за мене, не можам да се пофалам дека 11-то издание на „Скопје постер-фестивал“ воопшто и ќе се одржи оваа година, не добивајќи ни минимална поддршка од Министерството за култура, што ја доведува во прашање единствената манифестација што го третира воопшто дизајнот во Македонија. Како и да е, локалната активност ќе се трудам да ја надоместам со уште поинтензивна меѓународна, чекајќи некои подобри времиња.