Под мотото „Физичка дистанца“ започна традиционалното „Уметничко лето ЦСЛУ-Прилеп“, кое годинава ќе трaе 60 дена. Организаторите велат дека е јасна нивната порака, истакнувајќи дека за нив социјалната дистанца е неприфатлива, но физичката ќе ја испочитуваат за доброто на сите и ќе се водат по новите правила за сигурен тек на животот за време на коронавирусот.
– Уметничкото лето ќе се реализира во форма на ликовни работилници на кои ќе учествуваат 12 уметници од Прилеп и од другите градови. Годинава ќе ги избегнеме интернационалните учесници за да не се отворат проблеми и неочекувани дополнителни трошоци, кои можат да бидат предизвикани од моменталната состојба што на глобално ниво ја предизвикува постоењето на вирусот.

Меѓу учесниците се: Мирослав Величковски-Мире, Дејан Божиновски-Коска, Наде Тоскоска, Драган Михајлоски-Пижа, Елена Димоска, Александар Наумоски, Филип Перески, Марија Стојаноска Петковски и др. Некои од нив ќе престојуваат и ќе творат во просториите на ЦСЛУ во Прилеп. Периодот на творење и престој е зголемен на 60 дена за да може полесно да се организираат и да можат да ги почитуваат протоколите, физичката дистанца, како и заштитата. За да се избегне зголемениот ризик што може да го предизвика постојниот вирус од хотелско сместување и групно дружење, на учесниците од другите градови ќе им бидат доставени материјал и алат за работа и тие ќе работат од дома. Сите учесници ќе бидат презентирани на нашиот интернет-простор во текот на целиот период на работа, преку кратки видеа и фотографии – велат од ЦСЛУ.
И годинава, велат од ЦСЛУ, ќе се одржи континуитетот и ќе се почитуваат потребите на уметниците, ќе се овозможи непречена креација на учесниците, кои крајниот производ ќе им го подарат на љубителите на уметноста.

– Уметноста и културата во вакви времиња трпат големи загуби, но во нашата држава се години ликовната уметност се соочува со големи проблеми за опстанок и појавата на оваа вонредна состојба предизвикана од вирусот доколку не се менаџира добро може во оваа област да предизвика трајни и големи последици, особено во независната културна сцена од овој тип. Приспособувањето на моменталните потреби е повеќе од важно за да може да се одржи континуитет и да се подобрат условите, особено кај ликовните уметници. Конечно треба да им се овозможат услови да можат да продолжат со својата работа и да го обележат времето во кое живееме ние. На крајот уметноста е таа што остава белег и нѐ презентира пред идните генерации – вели Јана Јанеска Ристески од ЦСЛУ.

Ќе се реализира и годишната изложба, на која ќе бидат презентирани уметничките дела создадени за време на овој проект. За жал, нема да има официјално отворање и ќе биде достапна за посета на интернет како онлајн изложба, а за посетителите во самиот објект ќе има обезбедено заштитна опрема и дезинфекциски средства.
Во текот на своето 63-годишно постоење, ЦСЛУ-Прилеп токму преку овие работилници создаде повеќе од 1.200 различни уметнички дела од уметници од повеќе од 50 држави од светот.