Како солисти ќе се претстават извонредната певица, сопранот Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску од Романија, со изведба на арии од опери на Пучини, Гуно, Маскањи, Белини, Верди…

Вечерва во 21 часот во Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено годинашното „Охридско лето“ со настапот на оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану од Романија. Како солисти ќе се претстават извонредната певица, сопранот Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску од Романија, со изведба на арии од опери на Пучини, Гуно, Маскањи, Белини, Верди… Големата оперска певица Елена Мошуц веќе пристигна во Охрид и е сместена во апартман во хотелот „Инекс Горица“.

Романско-швајцарската сопранистка Мошуц, која има репутација на еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, доаѓа првпат во Македонија и вели дека е многу возбудена што ќе го отвори фестивалот „Охридско лето“ за кој слушнала дека е важен настан во регионот.
– Знам дека многу популарни музичари биле често поканувани и секогаш доаѓале со огромно задоволство да музицираат на овој популарен фестивал во Европа. Дури и јас имам некои подалечни роднини во Охрид и среќна сум што ќе пеам за нив и за сите луѓе. Судбината на уметникот е да им донесе радост на сите луѓе во целиот свет, и благодарна сум што сум поканета на еден ваков прекрасен фестивал. Тоа е голема чест – вели Мошуц.

Романскиот тенор со неверојатно активна концертна кариера, Калин Братеску, кој ќе настапи на свеченото отворање заедно со Мошуц, исто така пристигна во Охрид. Двете оперски ѕвезди, под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, а во придружба на оркестарот на Македонска филхармонија, свечено ќе го отворат годинашното 58. издание на фестивалот.
Инаку градот Охрид и националната установа „Охридско лето“ се подготвени за претстојните 40 дена, кои пред многубројната фестивалска публика ќе донесат повеќе од 800 уметници од 27 држави од Европа и од целиот свет, славни имиња од светската музичка елита и врвни театарски креации. Според в.д. директорката на „Охридско лето“, Сузана Вренцовска, целосно се заокружени активностите околу доуредувањето на сценските простори каде што се одржуваат настаните, а фестивалската дирекција во соработка со општината Охрид и општинските јавни претпријатија го санираа гледалиштето во предворјето на црквата „Света Софија“, со целосна замена на оштетените дрвени седишта и елементи.

– Новиот лик на гледалиштето не само што е добар од естетска гледна точка, туку е важен и од безбедносни причини бидејќи старите и веќе дотраени штици претставуваа опасност за гледачите – вели Вренцовска.
Заводот за заштита на спомениците и музеј од Охрид ги санираше и скалите на најголемата и најатрактивната фестивалска сцена, Античкиот театар, каде што по традиција се одржува отворањето. Со реконструкцијата на дрвенаријата се надминува проблемот со оштетените скали, што го оневозможуваше пристапот на публиката во долниот дел од гледалиштето.

За ова фестивалско издание реконструирана е и билетарницата на кејот „Македонија“, што е донација на фирмата „Кнауф“. Новиот објект е со модерен дизајн што се вклопува во амбиентот и целокупното идејно решение на фестивалот. Почната е и процедурата за реконструкција на сцената Долни сарај, по проект финансиски поддржан од Министерството за култура вреден 1,4 милион денари. Со негова реализација ќе бидат санирани сите оштетени делови, како на самата сцена, така и на гледалиштето и на целиот простор околу локацијата. Со тоа Охрид и фестивалот ќе добијат уште една, можеби и најатрактивна сцена, што ќе ги задоволува сите барања на уметниците и на самата публика.

– За нас најважно е да се гради брендот на институцијата, домаќинското работење и почитувањето на традицијата. Фестивалот „Охридско лето“ како дел од Европската фестивалска асоцијација продолжува со успешните приказни за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал – вели Вренцовска.
Како посебни настапи се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Виндзор касл“, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Со полската амбасада ќе се реализира концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, Францускиот институт ќе ги донесе светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, како и концертот на сопранот Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер, кои ќе настапат преку соработката со Амбасадата на Шпанија во Скопје. На програмата се и украинската вечер со настапот на Украинскиот камерен оркестар, потоа Кинеската вечер со настапот на Кинескиот бамбус-флејта оркестар, концертот на јапонско-турското „Сора дуо“, канадскиот пијанист Еуген Скороводников…

Од концертите наменети за пошироката публика се издвојува настапот на казахстанскиот камерен оркестар „Академи оф солист“. Ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Музичката младина на Македонија, посебни рецитали на домашни уметници…
Драмската програма нуди неколку театарски претстави во најголем дел на домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска, Словенија.Селекторот Александар Поповски како посебно театарско доживување ја најави претставата „Илијада“ и гостувањето на Словенско народно гледалишче – Драма од Љубљана, Цанкарјев дом и Градски театар, со која ќе се спушти завесата на фестивалот. Тоа е можеби и најголемиот проект во драмската фестивалска програма на Античкиот театар.
Според Поповски, краткиот рок не му оставил можност да ја реализира неговата концептуална замисла за ова фестивалско издание, но за во иднина најави интензивирање на соработката на „Охридско лето“ со Дубровничките летни игри, „Дојчес театар“ од Берлин и со национални театарски куќи од Романија, Бугарија, Унгарија, како и посебна претстава што би се подготвила специјално за охридскиот фестивал.