Македонија има навистина голема поетска и, воопшто, културна сцена, ако се земе предвид бројноста на жителите. Но ни недостигаше простор, особено во главниот град, да се изразиме, простор да се доизградиме, да растеме и да се развиваме и надвор од нашите граници, па, еве, го правиме своето за тоа да се случи, вели Јулијана Величковска, коосновачка и организаторка на „Скопски поетски фестивал“

Интервју со Јулијана Величковска, коосновачка и организаторка на „Скопски поетски фестивал“

„Скопски поетски фестивал“ е интернационален фестивал што преку поезијата ќе ги поврзе поетите, музичарите, ликовните уметници, фотографите, актерите, дизајнерите, филмаџиите, книжевните критичари, професорите, студентите, учениците, издавачите итн. Првото издание на фестивалот ќе трае три дена и ќе се одржи од 1 до 3 септември 2021 г., во Младинскиот културен центар – Скопје. На фестивалот се планира да настапат единаесет домашни и пет поети од странство.
Јулијана Величковска е коосновачка и организаторка на првиот „Скопски поетски фестивал“.

Прв „Скопски поетски фестивал“. Што значи ова за нас, за Скопје, за вљубениците во поезијата?
Првиот „Скопски поетски фестивал“ е исполнување еден долгогодишен сон, една визија, но и одговор на потребата од нешто вакво, потреба што сите што се занимаваме со пишување поезија ја чувствуваме подолго време. Фестивалот, во крајна линија, е и наша обврска. Време е нашата генерација да го даде своето, да оставиме трага и да оставиме нешто во наследство за идните генерации. Во Македонија има навистина голема поетска и, воопшто, културна сцена, ако се земе предвид бројноста на жителите. Но ни недостигаше простор, особено во главниот град, да се изразиме, простор да се доизградиме, да растеме и да се развиваме и надвор од нашите граници, па, еве, го правиме своето за да се случи тоа.

Што се ќе опфати програмата на фестивалот? Какви имиња, уметници, уметности…?
Програмата на фестивалот е богата и разнообразна, па можеби и амбициозна, ако се земе предвид дека настанот го организираме во услови на пандемија и дека добивме едвај симболична поддршка од Град Скопје, а бевме целосно непрепознаени од Министерството за култура. За среќа, зад нас застана Младинскиот културен центар – Скопје, и со нивна помош и поддршка се надевам ќе успееме да реализираме што повеќе.
Тридневната програма на фестивалот нуди тематско поетско читање посветено на народното творештво, на кое ќе настапат петнаесетина поети, придружени со музичкиот перформанс на ВИС „Тркалезна маса“; се планира и првиот поетски саем на книгата; ликовна изложба на шеснаесет дела (слики и постери) инспирирани од или во директна комуникација со песна на секој од поетите учесници. Меѓу ликовните уметници/графички дизајнери ги имаме: Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Владимир Лукаш… Се планира и интернационално поетско читање, на кое ќе настапат значајни и актуелни европски поетски гласови, како што се Сергеј Тимофеев, Марија Дејановиќ, Танос Гогос, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг, а од домашните автори ќе настапат Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Павлина Атанасова, Ива Дамјановски, Лира Бојку, Диме Данов, како и ние, организаторите, оти малиот буџет не ни дозволува да поканиме повеќе учесници. Понатаму, ќе бидат емитувани и 12 поетски филмови: шест наменски изработени од Валентина Бактијаревиќ и шест поетски филмови што за нас ги избраа организаторите на „Киноскоп“, фестивал од Белград, Србија. Планирани се и две книжевни промоции, како и работилница за креативно пишување поезија, која ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на „Стенфорд“, на „Оксфорд“ итн. А Сергеј Тимофеев за нас подготви специјален пиџеј-сет, комбинирајќи поетски читања со ритам и музика, со што би завршила програмата на фестивалот.

Има ли љубов и расположение Скопје за поезија? Какви критики добивате деновиве дури се во тек подготовките?
И покрај сите тешкотии околу организацијата, срцата ни се полни!
Покрај нас застанаа исклучително великодушни луѓе што бесплатно ја изработија целата визуализација на фестивалот: Владимир Трајановски го изработи логото, Виктор Гаврилоски ја изработи промотивната анимација, а Андреј Павлов го дизајнира постерот. Добиваме понуди и за волонтирање, а љубовта доаѓа и од поетите и пријателите однадвор ‒ пристигнаа повеќе од дваесетина видеопораки во знак на поддршка. Едноставно, луѓето препознаваат кога нешто се работи со љубов и од срце, и за општо добро и убаво, за сите нас. Би го спомнала и Глигор Кузмановски, кој изработи прекрасни и уникатни беџови од рециклирана хартија. Имам впечаток дека секој го дава најдоброто од себе во испишувањето на оваа нова скопска приказна.

Поезијата е доблест што му недостига на Скопје. На 1, 2 и 3 септември Скопје ќе се завие во песна. Со ваши зборови, зошто на Скопје му треба поезија?
Скопје го бара тоа од нас. Ни праќа пораки со графити на своите ѕидови: „More poetry is needed“. Скопје е многу силен град, со години и години ги трпи сите наши глупости, сето ѓубре што го оставаме зад нас, сите несреќни урбанистички „решенија“, разните шминки по улиците и на фасадите, сиот шунд што ечи од ноќните клубови, сообраќајниот метеж, загадениот воздух… Но и најсилните имаат потреба да знаат дека се сакани. Па, еве, го опеваме и ќе му пееме. Добро знаеме дека убавината нема да го спаси светот, но се надевам дека барем за кратко, барем за времето на тие три фестивалски дни, ќе направиме Скопје да биде поубаво место за живеење.

Поезијата и фестивалите на поезија често се оставени на пасијата на ентузијастите. Како да ја позиционираме на повисоко ниво, од каде што би добила поголемо ехо?
Живееме во лоши времиња, чудни некои времиња. Луѓето сакаат убаво спакувани лаги, слатки приказни, фикција. Малкумина имаат жед за вистината што без заобиколување ја говори квалитетната поезија. Па, веројатно, затоа сме стигнати на ова дереџе. Но поезијата е последниот бастион, чуварот на јазикот. За тоа сведочи и народното творештво што во облик на песни и приказни на некој начин го конзервирало нашиот јазик. А јазикот денес ни е и под политичка и под глобалистичка закана. Имајќи ја на ум важноста на поезијата и на литературата воопшто, како и тоа дека поезијата не е комерцијален производ, јасно е дека поддршката од институциите е неопходна. Гледаме дека многу други култури веќе го практикуваат тоа, оти знаат дека така посилно и подалеку ќе одекнат.

Најавена е синергија на љубителите на книжевноста и уметноста. Што да очекува публиката? Фестивал во каков облик?
Публиката може да очекува фестивал што ќе го носи скопскиот немирен дух. Ќе биде жив, динамичен, отворен, променлив, приспособлив и во тек со актуелните европски културни струења, што ќе нуди простор за вистинска и суштинска комуникација меѓу уметностите (книжевноста, музиката и визуелното). А таа комуникација ќе се одвива пред нив, на сцената. Годинава сме без буџет, но се надеваме дека ќе успееме да ги прикажеме огромниот потенцијал и енергијата што ја носиме во нас. Ќе биде тежок почеток, ама, нели, сите се такви. Но ако во иднина ја добиеме потребната поддршка, само небото е граница!

Која е пораката што се проткајува низ порите на фестивалот и која сакате да допре до публиката?
Уметноста е нашата слобода. Нашето безбедно место во кое секогаш, дури и во најужасните околности, можеме да се засолниме, без оглед дали ние сме тие што ја создаваме или само ја восприемаме. А наше е за тоа да се избориме. За тој слободен простор да се шири, да комуницира и да не стрепи пред никого. Да бидеме силни и истрајни. Како Лорка, докрај да пееме.

Какви амбиции има првиот „Скопски поетски фестивал“? Во какво збиднување имате намера да прерасне?
Нашата прва цел е да ја раздвижиме домашната сцена, веќе долго време е слична на бара, застојана. Потем, се надеваме дека ќе бидеме препознаени и дека успешно ќе ја рашириме соработката со регионот, а потоа би сакале фестивалот да стане препознатлив и на европско ниво. Сакаме „Скопски поетски фестивал“ да стане местото каде што ќе се раѓаат и ќе се разменуваат нови и креативни идеи, што ќе нуди поттик и поддршка за сите уметници и уметности, домашни и од странство, а поезијата ќе биде флуидот што ќе нѐ поврзува.