Годинава првпат на некрополата и во Преспанскиот Регион се откриени гробови што претставуваат правоаголни јами, слободно вкопани во здравицата, без каква било конструкција

На хеленистичката некропола Гимбабица кај селото Избишта во Преспа, годинава се реализира четвртата археолошка истражувачка сезона, чиј фокус беше насочен на добивање повеќе информации за нејзината организација, за гробните форми и ритуали и за животните приказни на луѓето што биле погребани тука. Некрополата се наоѓа во непосредна близина на селото, на зарамнето плато, кое се надвишува над модерниот пат што ги поврзува Ресен и Охрид.
– Она што е интересно и што произлезе од годинешните истражувања е откритието на нови гробни форми, како и регистрирањето нов ритуал на погребување. Имено, годинава првпат на некрополата, а со тоа и првпат во регионот, беа откриени гробови што претставуваат правоаголни јами, слободно вкопани во здравицата, без каква било конструкција, што е нешто ново во споредба со гробните конструкции од претходните истражувачки сезони, каде што беа откривани најразлични гробни конструкции изработени од камен и камени плочи. Исто така, нова појава што беше забележана на некрополата е погребување спалени покојници, нешто што првпат се среќава во овој регион во хеленистичкиот период и нешто што не е својствено ниту за соседниот Охридски Регион, каде што се истражувани многу поголем број некрополи и гробови – посочува стручниот археолошки тим, раководен од Перо Арџанлиев, кој го сочинуваат и Илија Бошковски и Благоја Фузевски.

Според откриениот движен археолошки материјал, овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата, во втората половина на 4 век пр. н.е. и првата половина на 3 век пр. н.е.
– Оваа некропола е доста значајна за македонската археологија, затоа што засега е единствената некропола во Преспанскиот Регион од овој период што се истражува систематски. Сите добиени резултати се новина за науката и ја пополнуваат неправедно направената празнина. По теренските истражувања, продолжуваме со кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа со јавно публикување на резултатите. Гимбабица и Преспа нудат уште многу години вредна археолошка истражувачка работа – велат истражувачите.
Истражувањето е реализирано со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Првите наоди од некрополата Гимбабица се случајно откриени во 1953 година, со пробивањето на модерниот пат. По направениот стручен увид, археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид тогаш констатирал дека гробовите потекнуваат од 3 век пр. н.е. Во 2018 година приказната за Гимбабица повторно се актуализира, кога тимот на археолози од Археолошкиот музеј на Македонија, предводен од Перо Арџанлиев, точно ја лоцира и хронолошки ја детерминира некрополата.