Неговите организатори меѓу другото посочуваат дека „под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или коригирани рефлексии на светот во кој живееме“

Под мотото „Погледни под површината“ во Струга, од 27 до 29 декември, ќе се одржува третото издание на фестивалот на краток филм „Дримшорт филм-фестивал“. Неговите организатори меѓу другото посочуваат дека „под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или коригирани рефлексии на светот во кој живееме“.
– Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од,,под површината“ секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли што со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење се крие културниот портал кон магијата на филмот – велат организаторите на „Дримшорт“, чија програма годинава вклучува 40 различни кратки приказни од светот и нуди неколку новини.

Една од нив е дека првпат националната, студентската и интернационалната категорија на филмови ќе имаат натпреварувачки карактер.
Во националната програма се селектирани филмовите: „Налепница“ на Георги Унковски, „Јас не сум Игор“ на Сергеј Герогиев, „Скопје 2020“ на Радован Петрович, „Амби“ на Марија Апчевска, „Неонски срца“ на Ана Јакимска, „Одлуки“ на Агим Абдула, „Вера“ на Верица Недеска, „Магнолија“ на Ана Опачиќ и „Обид за среќна приказна“ на Лавинија Софрониевска. Во студентската програма се: „Сам“ на Никола Полиќ, „Боемски кристал“ на Исток Чаповски, „Мама“ на Евгенија Танева, „Кукачот“ на Загорка Поп-Антовска Андовска, „13 Мај“ на Ирма Башеска Ристовска и „Другиот“ на Батухан Ибрахим.

Регионалната програма годинава прераснува во интернационална, а вторпат селекцијата ја прави соработникот на фестивалот Иван Бакрач. Гостинската програма е од реномираниот фестивал на кратки филмови „Интерфилм“ од Берлин, чии победници се квалификуваат за најпрестижната филмска награда „оскар“. Основачот и уметнички директор на „Интерфилм“, Хaјнц Херманс, годинава селектира кратки филмови од германска продукција и најдобрите остварувања што се прикажувале на тој фестивал.

„Дримшорт“ во својата програма вклучува и отворени мастерклас-сеанси, како и разговори со познати актуелни имиња од филмската уметност. За неговото трето издание е најавено одржување на мастеркласот на новинарката и филмска критичарка Ингрид Бирбаум, која наедно е и кураторка на документарната филмска програма на „Интерфилм“. Фестивалот на краток филм „Дримшорт“ е основан во 2017 година во Струга и се смета за еден од ретките во Македонија што ја третираат специфично кратката филмска форма. Наедно, има за цел да ги промовира и афирмира домашните, но и младите филмски работници од регионот преку нивните кратки остварувања.