Кон книгата „Филолошката критика на Конески“ од Атанас Вангелов

РЕЦЕНЗИЈА

По објавувањето на маестралната стилистичка психосемантичка студија „Лирската биографија на Конески“, која наиде на исклучителен прием кај македонската научна и поширока јавност, а во која мајсторот на нашата филологија и книжевна херменевтика Атанас Вангелов се занимаваше со исцртување на еден „невидлив, друг Конески“ во самата поезија на нашиот прв бард, еве го Вангелов со ново капитално издание. Станува збор за книгата „Филолошката критика на Конески“, каде што на над 330 страници текст се занимава со исцртување на главните контури на филолошко-критичката позиција на Конески по однос на македонскиот јазик и со неговите сфаќања на јазикот и филологијата воопшто.
Атанас Вангелов, некогашен декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (по чија иницијатива факултетот и го доби името на великанот) и редовен професор по теорија на литература и по сите сродни супспецијалистички подрачја, од стилистиката до наратологијата (сега во пензија), продолжува со капитални зафати од неговата монографска опсесија – ликот и делото на Блаже Конески. Книгата што сега ја предлага (втора во серијата) е капитален филолошки зафат, затоа што го позиционира Конески како филолог мислител во контекст на светската „филолошка критика“, издвојувајќи ги неговите сродности но и разлики по однос на светските авторитети: Роман Јакобсон и Цветан Тодоров. Со нив, тврди Вангелов, Конески сочинува „едно интелектуално семејство“. Во предговорот на оваа исклучителна научна студија, Вангелов ги изразува и своите филолошки сродности со ова семејство, што не е никакво изненадување ако се знае дека Вангелов е најкреативниот следбеник на Јакобсон во Македонија, како и податокот дека е преведувач на Цветан Тодоров и негов одличен, ако не и единствен темелен познавач и толкувач.

Во книгата се воспоставуваат неколку изохипси преку кои ликот на Конески како филолог се осветлува во компаративна светлина. Првото поглавје е споредба на филологот Конески со филолошките ставови на Симеон Радев (и денес актуелната бугарска лингвистичка визија за македонскиот јазик како неавтономен). Via negativa, како антипод, Радев се користи да се покаже што Конески не е и не би можел, поради верност кон идеалот на научното мислење, да биде, како и што Радев не е, а би морал да биде, кога би се држел до некаков научен идеал на систематско мислење и аргументација. Ставовите на Радев директно се конфронтираат со ставовите на Конески изложени во студиите „Климент Охридски“, „Охридската книжевна школа“ и „Македонските учебници во 19 век.“ Вангелов детектира прекин меѓу ентитетите инфракултура и национална култура во филолошко-културолошката „зграда“ на Симеон Радев. Поентата на ова поглавје е дадена во инверзно-симетричната формулација толку карактеристична за полемичко-епидеиктичкиот стил на Вангелов: „Разликата е во следново: во вистините на Радев има многу Радев; во вистините на Конески има минимум Конески.“
Втората крупна компарација е онаа меѓу Блаже Конески и Венко Марковски, каде што повторно via negativa се осветлуваат филолошките ставови на Блаже Конески. Како што е познато, уште во првата јазична комисија за кодификација на македонскиот литературен јазик доаѓа до конфронтација меѓу Конески и Марковски, и тоа околу темелните филолошки сфаќања. И повторно, кај Конески се открива една суверена дисциплина на филолошкото мислење, наспроти, според Вангелов, очигледните некохерентности во научното мислење на Марковски. Тие некохерентности не се толкуваат како непознавање на логиката на научното мислење, туку како идеолошка интервенција и како интерес да се мисли во исто време и научно и идеолошки профитабилно, што, се разбира, не е можно. Во овие ставови на Марковски, Вангелов ги гледа безброј пати повторените становишта и на современата бугарска политика и лингвистика, а со кои Конески полемизираше двапати: во 1948-та со книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ и во 1978 година, со книгата „Македонскиот јазик во споредба со другите словенски јазици“.

Конечно, третата изохипса се повлекува од врвот Конески кон врвот Гане Тодоровски, за да се измери разликата во височината кога станува збор за чистотата на научниот пристап, односно разликата во филолошките потенцијали меѓу овие две клучни фигури на македонската култура, филологија, лингвистика и историја од дваесеттиот век. Вангелов забележува промена во научната мисла на Гане Тодоровски по однос на филолошките сфаќања на Конески, од 1996 година натаму, и притоа се наведуваат научните извори во кои Тодоровски го отвора прашањето за изворите на научните ставови на Конески за јазикот. Конечно, во поглавјето „Блаже Конески и Гане Тодоровски“, кое е исклучително и екстензивно (околу 100 страници) и интензивно во методолошка смисла, се испитува валидноста на аргументацијата од студиите на акад. Г. Тодоровски.
Она што особено привлекува во оваа научно беспрекорно изведена студија (во смисла на методолошка јасност и транспарентност) е што таа, сепак, има и белетризирана структура: книгата инсистира на енигматскиот код преку кој се открива Конески како филолошки мислител. Енигматскиот код, како што покажаа Ролан Барт и неговите ученици, е составка на секоја добра белетристика, најсилно изразена во крими-приказните и трилерите. Вангелов го чита теорискиот палимпсест Конески како научен трилер, во кој, како и секој трилер, клучните информации се скриени. Општопознато е дека филолошките студии на Конески се навистина „трилер“, кој бара теориско дешифрирање: тие се палимпсест од најразлични скриени теориски школи, методологии, филозофии, естетики, зашто познато е дека Конески никаде не остава фусноти за она што стои зад неговите редови. Често, користи и македонски (Гане Тодоровски би рекол „помакедончени“) теориски етикети за познати интернационални теориски термини, како што е она „остранение“ на руските формалисти, кое кај него се среќава како „изневера“, а кое Англичаните го преведуваат со defamiliarization, за што своевремено темелно и стручно пишуваше токму Вангелов. Така што, читањето на филологот, лингвистот, теоретичарот, естетичарот Конески како детекција и барањето одговор „Што стои зад неговите едноставни теориски тврдења?“ е вистинска пасија за Вангелов и за сите оние што уживаат во Конески.

„Играта“ се сведува да се открие дека зад една негова „проста“ и „едноставна“ критичка формулација се кријат, често, цели полици книги од светската теориска и филозофска библиотека. Еве едно такво место на детекција од книгата на Вангелов, каде што говори дека тој, како стипендист во Франција, претчувствувал некоја скриена блискост меѓу статиите на Шкловски, Ејхенбаум и Јакобсон со оние на нашиот Конески: „Многу се изненадив кога наидов, во еден зборник статии посветен на Јакобсон, на кратка статија од Конески за јазикот на нашата народна лирика, поправо ‘зародиш’ на една обемна, систематска студија што излезе од печат нешто подоцна. Таа кратка статија беше нешто како сигнал дека има некоја врска меѓу Конески и школата на рускиот формализам“. На друго место, Вангелов покажува дека Конески, скромно, никаде не оставил фуснота со која би се пофалил дека „во малиот прст“ ги има најновите реторички сознанија за стилските фигури, ама Вангелов го детектира тоа: „Многу повеќе ми помогна за работата врз предговорот за Конески една систематска статија на Тодоров (‘Синегдоха’). Таа статија ја опишуваше метафората, на пример, како сложена реторичка фигура составена од две синегдохи: една што изделува значење во тема врз која го става својот акцент и друга што го проширува тоа изделено значење врз целата тема. Практично, тоа е она што Конески, во својата ‘Двокатна песна’ го нарече ‘етимон’ или ‘зародиш’ на песната, врз основа на зборовите ‘сончоглед’ (македонски), ‘сунцокрет’ (српски) и ‘подсолнечник’ (руски). Примерите на Конески добро покажуваат врз кои идеи ставил акцент ‘колективниот дух’ кога обликувал зборови за име на билки што немале име. Тој ја викаше таа постапка ‘воопштување’ (генерализација). Oчигледно e, само со други зборови Конески формулира мисла која, во подоцнежната ‘Општа реторика’ на славните лиешки неореторичари, ги доби техничките имиња ‘партикуларизантна’, прва синегдоха што води кон втора, ‘генерализантна’. Двете ја даваат структурата на секоја метафора.“
Оваа книга, покрај тоа што е детекција на теориско-естетичкиот палимпсест Конески, е и интелектуална автобиографија на Вангелов (се покажува како тој се развивал како теоретичар преку делата на Конески, Тодоров, руските формалисти, француските структуралисти, лиешките неотеоретичари и многу други, меѓу кои и видни филозофи), а со тоа книгата станува и непроценлив компримиран учебник на основните теориски поими, без кои ниту може да се разбере Конески како критичар, ниту може да се разбере – книжевноста, најмалку поезијата и прозата на Конески. И што е најважно, во оваа студија на Вангелов, Конески е поставен во светски лингво-теоретски контекст. Еве го изводот од таа контекстуализација: „Јас мислам дека критиката на Конески и на Тодоров се комплементарни иако е, на прв поглед, тешко видливо тоа. Тие се разликуваат многу по стилот и содржината (теми), затоа што го моделираат својот говор според оној идеален читател во две различни средини: Тодоров им се обраќа од Париз на упатени луѓе во литературата и хуманистичките науки; Конески им зборува на Македонците, на нивните соседи и на славистите. И за двајцата е важен, во една мера, Јакобсон, кој го обликува нивниот духовен видокруг.“
Книгата на Вангелов е отворено полемична (како и сите негови книги) и кон најголеми авторитети во нашата книжевност и култура.

Тоа е добронамерна полемика, која за своја работна хипотеза најчесто ја зема идејата од познатата книга на европскиот филозоф Никола Милошевиќ, „Психологија на знаењето“. Таа работна хипотеза се сведува на тоа дека и крупни, образовани, учени, монументални мислители често прибегнуваат кон фалсификација на научната вистина не од незнаење, туку напротив – од афективни, психолошки и идеолошки мотивации.
Со сето тоа, книгата „Филолошката критика на Конески“ е нов капитален научен потфат на Атанас Вангелов за монументот Конески. Студијата е столб на нашата историја на јазикот, на нашата лингвистика и филологија, и е пример за методолошки чиста и научно кристално кохерентно изведена студија, за капитални прашања закопани во темелот на нашиот културен и јазичен идентитет.