Културниот центар „Јадро“ распишува отворен повик за реализација на партиципативен уметнички проект, чија реализација ќе биде во периодот март-август 2021 година.
– Уште од почетокот на втората половина на 20 век уметниците ги избришаа границите што постоеја меѓу нив, нивната работа и публиката. По движењето Флуксус, настаните и т.н. „релациона естетика“ од деведесеттите години, визуелната уметност и секојдневниот живот станаа толку тесно испреплетени, што понекогаш е тешко да се разликуваат. Тоа што ја издвојува партиципативната уметност од другите видови уметничка практика е дека партиципативните уметнички дела овозможуваат заедничка сопственост на процесите на донесување одлуки (кај уметникот и публиката) и често имаат цел да генерираат дијалог, социјален активизам и мобилизација на заедницата.

Процесот на партиципативна уметност вклучува демократски пристап кон создавањето уметност и поканува за учество во создавањето на пораката, наместо наметнување елитни пораки до „пасивната“ публика. Суштинскaта демократска и егалитарна структура на партиципативната уметност може да ги зајакне целите или политичките мотивации на движењата, како и создавањето нови креативни заедници – велат во објаснувањето за повикот од „Јадро“.
Овој отворен повик за реализација на партиципативен уметнички проект има цел да ја поттикне продукцијата на овој вид уметничка практика кај нас. За таа цел се обезбедени буџет за реализација на проектот, авторски хонорар за избраниот уметник, менторство од страна на куратор, реализација на изложба во „Јадро“ на почетокот на август, како и издавање публикација. Резултатите за селектираниот проект ќе бидат објавени на 15 март.