Комесарката Марија Габриел за Наградата за литература на ЕУ

Европската Унија и оваа година на 19 мај, овој пат во виртуелниот простор, ги прогласи добитниците на Наградата за книжевност, која во тригодишен циклус им се доделува на писатели од вкупно 41 земја, а како и досега, меѓу лауреатите се најдоа и неколку автори од регионот. Како што е познато меѓу нив е и нашиот писател Петар Андоновски со романот „Страв од варвари“ во издание на „Или-или“.
Европската комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел, истакнува дека во моменталната ситуација, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, „повеќе од кога било се потпираме на уметниците и писателите што ни помагаат да се избориме со изолацијата“.

– Читањето е моќен начин да почувствувате силни емоции, да бидете пренесени во некоја друга вселена во некое друго време и простор, да запознаете нови ликови, а сето тоа додека сте дома – порача Габриел.
И министерката за култура на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек, која во име на земјата-претседавач на ЕУ им честита на лауреатите, ги истакна „далекосежното влијание на книжевноста во секојдневниот живот и нејзиното општествено значење“.
– Низ сите досегашни добитници на оваа вредна награда, но и читајќи ги преводите на другите наградени дела на локалните издавачи, Хрватска имаше можност да сведочи за силата на убавината на современата европска книжевна реч, како и за важноста на делењето на новите различни и непознати идеи и перспективи – вели хрватската министерка.

Доделувањето на наградата се организира со партнерски конзорциум што го сочинуваат Европскиот совет на писатели, Федерацијата на европски издавачи и Европската и меѓународна федерација на книжари и дистрибутери, со поддршка на Европската комисија за книжевност. Наградата се финансира низ програмата „Креативна Европа“, а достапна е за сите земји што учествуваат во оваа програма на ЕУ за финансирање на културниот и креативниот сектор.
Таа е востановена со следниве цели: да промовира меѓународна мобилност на оние што работат во секторот култура, да стимулира транснационална распространетост на културни и уметнички добра и да поттикне меѓукултурен дијалог. Наградата се доделува во 41 земја, кои се дел од програмата „Креативна Европа“.

Секоја година, националните жирија на една третина од овие држави (според принципот на ротирање) номинираат прозни автори од своите земји. На тој начин, на авторите и на националните литератури им се овозможува да стигнат до поширока меѓународна публика.
Од 2009 година, кога е востановена Европската награда за литература, досега се наградени 135 автори од 41 земја. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Гоце Смилевски за делото „Сестрата на Зигмунд Фројд“, Лидија Димковска за „Резервен живот“ и Ненад Јолдески за „Секој со своето езеро“.