Бугарскиот град Пловдив викендов што измина и официјално стана европска престолнина на културата за 2019 година. Прогласувањето беше на 12 јануари, при што на плоштадот се одвиваше програма во која на неколку сцени учествуваа 1.500 домашни и странски уметници, а, како што пренесоа и некои од новинските агенции, ја следеа околу 50.000 луѓе. На отворањето настапија дел од бугарските традиционални фолклорни ансамбли, оркестар на трубачи, хор од 200 луѓе, а беше одржана и ласерска видеопретстава.

Годинава во градот треба да се одржат околу 350 планирани културни настани, меѓу кои е и изложба на делови од Берлинскиот ѕид по повод одбележувањето на 30-годишнината од неговото рушење. Најавени се и изложби посветени на кирилицата, а меѓу другото и театарски претстави со претставници од земјите на Западен Балкан, од ромската и турската заедница. Свечениот почеток на манифестацијата во втората годинешна европска престолнина на културата за 2019-та, во градот Матера, во Италија, е закажан за 19 и 20 јануари.