Писмата од поетот Т. С. Елиот до блиската пријателка Емили Хејл, која според многумина била и негова муза, наскоро ќе бидат достапни за јавноста, по повеќе од 60 години.

Околу илјада писма се чуваат повеќе од шест децении во библиотеката на универзитетот Принстон, а истражувачите се надеваат дека ќе ја откријат длабочината на врската за која се зборува со децении. Исто така, многумина веруваат дека нивната преписка ќе обезбеди увид во поинтимните детали од животот и делото на овој добитник на Нобелова награда и еден од најпознатите поети на 20 век.

Студентите, истражувачите, професорите од денес ќе можат да ги читаат писмата во универзитетската библиотека, пренесува АП.

– Мислам дека ова е литературен настан на деценијата. Од најголема важност е овие писма да ја видат светлината на денот – вели Ентони Кјуда, директор на Меѓународната летна школа „Т. С. Елиот“.

Хејл и Елиот биле долгогодишни пријатели, разменувале писма околу 25 години, кои датираат од 1930-тите. Тие се запознале во 1912 година во Кембриџ, Масачусетс, но станале пријатели дури во 1927 година.

Емили Хејл ги донирала писмата во 1956 година, со договор да не се отвораат додека не поминат 50 години од смртта на неа или Елиот, кој починал во 1965 година, а четири години подоцна и Хејл.

Биографите велат дека Елиот наредил писмата што му ги праќала да бидат запалени.