Главниот и одговорен уредник на „Стожер“, Трајче Кацаров, упати реакција по повод писмото на Ефтим Клетников во кое поетот го објави неговото истапување од членството на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Во продолжение ви ја пренесуваме реакцијата во целост.

Не сакам да го сонувам сонот на Прличевата Неда, не сакам да ме јаде јанѕа оти ќе ни се сруши куќата оти столбовите потпорните греди ја напуштаат (во дадениот случај Ефтим Клетников и Васе Манчев). Се плашам, како што пее Блаже, за црквичето во Небрегово, да не стане пепел темелот што не’ крепел. Се плашам да не заборавиме од каде дојдовме, зошто дојдовме и зошто треба да истраеме. Се плашам со рушењето да не се уриваме и ние „лити и јадни“. Се плашам да не се оглушуваме на ѕвончињата што доаѓаат од црквата на Св. Климент.

Ме натиска стравот. Но, што повеќе ме натиска, толку повеќе станувам свесен дека на писателите не им е потребен конфорен живот, туку живот полн со страв и заканувања. Зашто токму стравот ги зајакнува, стравот ги прави одлучни да истапат наспроти сите, да кажат без да излажат.

Писателот треба да стои зад својата реч како зад штит, како зад острило кое не знае да отапи и прости. Затоа останувам во одбрана на ставот – никој не треба да биде во позиција која ќе му овозможи да се огради од пишаната реч на писателот, зашто таа е негов легитимитет особено ако станува збор за реномиран, писател со огромен книжевен багаж.

Но, драг мој Ефтиме, ако се земе во предвид дека „Стожер“ е орган на ДПМ во кој право на објава на пишаната реч имаат сите членови (од сите етноси и старосни граници) и тоа подеднакво, можеби и во право ќе се оние, (од таквите лично се изземам) што ќе сакаат да кажат дека редакцијата, или друштвото, особено во услови диктирани од актуелната власт, се оградува од ставовите на писателите. Според мене тоа оди во прилог на стравот што секој писател треба да го чувствува за да го избегне конфорот што може да го фрли во индолентна расположба.