Македонскиот писател Александар Прокопиев гостува на 12-от Риечки саем на книгата и на фестивалот „Врисок“, во чии рамки во вторникот во Гувернерската палата ја претстави својата збирка раскази „Човечулец“, преведена на хрватски јазик. Зборувајќи за книгата, Прокопиев рекол дека тоа се современи приказни пишувани во образец на бајка.

Хрватските медиуми пишуваат за гостувањето на нашиот писател, а тамошниот „Т-портал“ го нарекува „писателот заслужен за некои од најпознатите песни на групата ’Идоли‘“.

– Сакав да истражам што се случува со маргиналните ликови во бајките, кои се тие во суштина и кои се нивните мотиви, како ловецот во „Снежана и седумте џуџиња“ или изгубените деца во „Петар Пан“. Различните изданија во поединечни земји имаат различен број собрани приказни-бајки, така што во англискиот превод има 18, во францускиот 23, а во италијанскиот само 12. Во хрватскиот превод ги има 16. Во некои додавам нови приказни или ги бришам постојните – изјавил Прокопиев, а пренесува хрватскиот „Т-портал“.

Разговорот во Хрватска го водел Војо Шијак, кој го прашува Прокопиев и за периодот во кој соработувал со култните „Идоли“. За крај на претставувањето во Риека е прикажан анимираниот филм посветен на пионерите на филмот на Балканот, браќата Манаки, за кој Прокопиев го напиша сценариото.

Александар Прокопиев, прозаист и есеист, дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата за компаративна книжевност и теорија на литературата, а докторирал на „Сорбона“. Предава на Институтот за македонска литература при Филолошкиот факултет. Го живеел рокенролот во групите „Идоли“, „Уста на уста“ и уште неколку помалку познати. Сè уште со алтернативната дружина „Ситуакција“ се разоткрива преку низа сценски проекти.