Француската војска ќе направи „црвен тим“ на писатели на научна фантастика, чија задача ќе биде да замислат можни безбедносни закани. На тој начин надлежните сакаат да добијат и сценарија што можеби не би им ни паднале на ум на воените стратези. Работата на овој тим ќе биде многу важна во борбата против „штетните елементи“, се наведува во извештајот на Министерството за одбрана.

Според Би-би-си, француската војска неодамна ја најави модернизацијата на пристапот до одбранбените стратегии, а пак минатата недела, за време на парадата на Денот на Бастилја публиката имаше можност да види и своевиден летачки костим што би требало да се најде во употреба.

– Горд на нашата војска, модерна и иновативна – напиша Емануел Макрон, претседателот на Франција на Твитер по парадата.
Идејата е тимот да го сочинуваат четворица или петмина писатели на научна фантастика. Задача на таа група ќе биде да размислува на покреативен начин од традиционалниот воен. Ќе користат различни техники, ќе се обидат да замислат како терористичките групи или други држави би можеле да ја користат напредната технологија. Флоранс Парли, француската министерка за одбрана, изјавила дека земјата „ги има сите адути за трка“ во областа на воените иновации. За време на парадата во Париз јавноста можеше да го види и новото оружје, „нерод Ф5“, кое се користи за соборување дронови. Француската војска дури планира да користи и роботи како поддршка на трупите во Мали, проект што моментално се наоѓа во експериментална фаза.

Како примери се наведува романот на Жил Верн „Од Земјата до Месечината“ од 1865 година, кој зборува за тројца луѓе што од Флорида тргнуваат со вселенски брод на Месечината. Постојат одредени сличности со вистинската мисија 104 години подоцна. Исто така, првиот видеотелефон на филмското платно е виден во 1927 година во „Метрополис“. Мора да се признае, тогаш бил многу поголем од уредите што ги користиме денес. Херберт Џорџ Велс во 1914 година, пак, во романот „Ослободениот свет“ ја предвидел атомската бомба.