Во издание на „Бата прес“, на македонски јазик е објавена книгата за деца и млади „Пиратите од Ледено Море“ од познатата шведската писателка Фрида Нилсон, а инвентивните и богати слики во оваа популарна скандинавска бајка се дело на илустраторот Александер Јансон. Делото од шведски го преведе писателот Ивица Челиковиќ. Во „Пирати од Ледено Море“ постои еден студен островски свет населен со сирени, бели волци, борбени и сурови луѓе, но и со опасни пирати.

За младите читатели, ама и за возрасните, ова е вистинско читачко доживување, кое поставува прашања за суровата моќ и за храброста таа да биде предизвикана. Во книгата се одвива возбудлива авантура, која се претвора во фантастична бајка со многу пресврти, која нè учи дека и доброто и лошото што ги правиме оставаат траги. Со „Пирати од Ледено Море“, Фрида Нилсон создала епска приказна за сестринството, храброста и за значењето да се зачува човештината во студениот свет на возрасните.

Објавата на „Пирати од Ледено Море“ на македонски јазик е дел од проектот на „Бата прес“ – „Време е за книга“. Визионерската цел на проектот е времето на младите поминато по социјалните мрежи на електронските уреди да го заменат со читање литература во печатено или електронско издание. Овој проект е поддржан од Европската Унија, во рамките на проектот „Креативна Европа“, а објавувањето на делото е поддржано и во програмата на Министерството за култура за 2019 година, како и од Советот за култура на Шведска.

Фрида Нилсон (1979) е родена во Хардемо, Шведска. Покрај тоа што е авторка на повеќе детски книги, исто така преведува, а држи и театарски курсеви за деца и пишува сценарија за радио и телевизија.