„Македоника литера“ објави серија од пет книги за деца и млади од Шен Шиси, најпродаваниот кинески писател за деца и млади и еден од најпродаваните современи писатели во светот. Петте книги: „Непослушната мајмунка“, „Последниот слон воин“, „Крвавооката мечка“, „Волчицата невеста“ и „Горалите скокачи“ ги содржат најпопуларните и најуспешни новели на овој автор. Шен Шиси пишува за животните и во Кина е познат како „кралот на приказните за животни“. Во новелите на Шиси се возвишува филозофијата на животот. Животинскиот свет е ист како човечкиот. Љубовта и омразата, тагите и радостите, раздвојувањата и обединувањата во животинскиот свет, преку имагинацијата на писателот ја отсликуваат човечката природа.
„Македоника литера“ оваа серија ја објавува во копродукција со издавачот „Делфин книги“ од Пекинг, Народна Република Кина, со кого веќе заеднички објавија и 13 тома од серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“. Преводите на оваа серија се на Елена Саздовска, Анета Пауновска, Сибел Ајдинова и на Славчо Пеев.

Шен Шиси е автор на повеќе од 40 книги со приказни за деца и млади. Во своите дела тој пишува за хармоничната врска меѓу човекот и природата и за неговите искрени, реалистични и трогателни приказни за животните. Поточно, тој го опишува суровиот и непредвидлив живот на животните и затоа неговите книги се еднакво популарни и кај возрасните читатели. Само во Кина делата на Шен Шиси се продадени во повеќе од 60 милиони примероци. Добитник е на многу награди за литература за деца. Многу од делата на Шен се вклучени во кинеските учебници за основното и за средното образование. Негови дела се преведени на повеќе јазици и има висока популарност на глобално ниво. Неговиот прв роман за животни „Долината на слоновите“ е објавен во 1980 година. Неговото дело „Последниот воен слон“ е исто така адаптирано во сценска претстава.
Пред неколку месеци „Македоника литера“ објави две ремек-дела на Шиси – „Мајката чакал Скарфејс“ (роман) и „Лисицата трговец“ (новели и раскази).