На археолошкиот локалитет Стоби деновиве претставници на пет држави, Србија, Словенија, Грција, Бугарија и Македонија, учествуваа на студиска посета за мапирање на капацитетите на културните институции за користење дигитални технологии во промоција и дисеминација на богатото културно наследство. Во соработка со националната институција „Стоби“, центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ од Скопје, како партнер лидер во проектот „Соработка за имерзивно раскажување за дисеминација на културното наследство во Западен Балкан“, организира низа работилници на кои ќе биде претставена соработката помеѓу граѓанскиот, академскиот и креативниот сектор со културните институции. Проектот треба да овозможи нов модел за соработка за користење дигитални технологии во унапредувањето на искуствата на археолошките локалитети: Стоби, Виминациум во Србија и Емона во Словенија. Immersium.eu е името на новата платформа за промоција и дисеминација на културното наследство со користење нови технологии.

– Имерзивното раскажување ќе им овозможи на избраните локалитети одново да го создадат чувството да се биде дел од римската историја, преку апликации за виртуелна и аугментирана реалност, 360 видеа и слично. Овој модел ќе води кон откривање на нераскажаните и неоткриени културно-историски приказни преку нова содржина, која лесно се споделува со публиката и пошироката јавност. Проектот ќе понуди нов начин за доживување на културното наследство, преку создавање несекојдневни туристички атракции и искуства, во чиј центар ќе биде корисникот, што ќе ги направи привлечни за нова публика. Културното наследство нуди одлична можност за соработка помеѓу културниот и креативниот сектор. Постои огромен потенцијал за раскажување и споделување приказни со користење иновативни дигитални алатки, кои на публиката ќе ѝ овозможат сосема ново културно искуство. Предизвикот за археолошките локалитети да бидат атрактивни за публиката и новите генерации посетители не е единствен за културните институции од земјите од Западен Балкан, туку генерално и за цела Европа – информираат од „Блинк 42-21“.
Партнери на проектот се: Археолошкиот институт од Белград, археолошкиот парк „Виминациум“ од Србија, Градскиот музеј во Љубљана, археолошкиот парк „Емона“ од Словенија, универзитетот „Аристотел“ во Солун, компанијата „Навипро д.о.о.“ од Словенија и фондацијата „Балканско наследство“ од Бугарија. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“.