По петти јубилеен пат, во грнчарското село во земјава Вранештица, од денеска до 23 јуни ќе се одржи Младинската керамичка работилница, на која ќе учествуваат поголема група кичевски средношколци и првпат ученици основци, а ќе се работи во работилницата на мајсторот грнчар Слободан Столески.

За жал, годинешната работилница ќе помине без учество на учениците од уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ од Скопје, поради намалување на паричните средства.
– На работилницата ќе учествуваат ученици од кичевската гимназија и првпат основци од ОУ „Санде Штерјоски“. Ментор на учесниците ќе биде професорот Мирослав Крстески – истакна Мазлам Османи, директор на кичевскиот центар за култура.
Од уметничкото училиште од Скопје се разочарани што нивните ученици нема да учествуваат на годинешната работилница.

– За жал, по четири години, нашите ученици нема да бидат дел од Младинската керамичка работилница во селото Вранештица. Причина се лимитираните средства, кои се недоволни да ги покријат трошоците – вели Гоце Стоилковски, професор и ментор од ДСУ „Лазар Личеноски“ од Скопје.