Во Свети Николе се објавени новите книги за овој град и за целиот овчеполски регион. Истражувачот на македонското културно наследство и природни ресурси Никола Ристевски ја продолжи едицијата „Зборник за Овче Поле“, со што годинава збирката зборници стигна до своето петто издание. Во овие зборници може да се прочитаат податоци и информации за Овчеполието што биле објавувани од средината на 19 век до денес.
Ристевски досега ги има објавено и книгите: „Имагинариум“, „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“, „За овчеполските работи“ и „Зборник за Кратово“.

Освен со издаваштво, Ристевски преку својата видеопродукција „Аристон“, заедно со директорот на фотографија Дуле Јанев, создава видеа во кои се претставени овчеполските села, старите цркви, овчеполските чешми и туристичките атракции, кои во последната деценија ги привлекуваат посетителите. Новиот проект „Овчеполско оро“ е снимен во дворот на црквата „Свети Никола“ и веќе е во процес на постпродукција.