Кадар од „Господ постои, името и е Петрунија“

Македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ овој викенд на три фестивали низ светот освои седум награди, соопштија од продукцијата „Сестри и Брат Митевски“.

Започнувајќи со Филмскиот фестивал во Мароко, Salé Women Film Festival, „Петрунија“ освои три награди. Специјалната награда од жирито за режија ја доби Теона Стругар Митевска, наградата за најдобар актер ја доби Зорица Нушева, а филмот ја доби и главната награда доделена од УНЕСКО. Оваа награда „Петрунија“ ја подели со грчкиот филм „Нејзината работа“ на Никос Лабот.

После Мароко, во соседна Србија, на Интернационалниот фестивал посветен на филмска режија во Лесковац, „Петрунија“ понесе две награди. Главната награда за најдобра режија ја доби Теона Стругар Митевска, која е и парична награда во висина од 4.000 евра, и наградата за најдобра глумица ја доби нашата Зорица Нушева.

Во Словенија на Филмскиот фестивал во Порторож посветен на словенскиот филм, наградата за најдобар филм за малцински копродукции, во конкуренција од одлични осум филма, ја доби „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. На фестивалот, филмот доби и награда од Здружението на уметнички кина на Словенија.

Од продукцијата „Сестри и Брат Митевски“ наведуваат дека „Петрунија“ досега освои 21 награда, а дистрибуиран е во кината во 35 земји. Оваа есен ќе се најде на редовниот кино репертоар во Италија, Германија, Шпанија, Полска, како и во соседна Грција.