Во големата сала од Центарот за култура во Кичево, вечерва со почеток во 20 часот, ќе се одржи јубилејниот петнаесетти „Велигденски концерт“ на КУД „Рацин“, друштво кое работи во склоп на Центарот за култура.

Концертот ќе го сочинуваат повеќе сплетови ора, песни и оркестарски изведби, а во овие 15 години на големата сцена пред кичевската публика продефилирале над 200 играорци, инструменталисти и пејачи.

-Вечерва со почеток во 20 часот, во големата сала од Центарот за култура во Кичево, јубилејниот петнаесетти Велигденски концерт ќе го одржи КУД„ Рацин“. Концертот ќе понуди повеќе сплетови ора, вокални и оркестарски изведби. Нашите играорци ќе ги изведат ората, „Посеље“, „Поречки игри“, „Бркање на чумата“, „Водарки“, „Игри од скопско“ и „Малешевка“. Вокалната група ќе се претстави со песните, „Седнав да вечерам“, „Сношти те пратив на вода ќерко“ и „Љубов голема“. Вечерашниот концерт ќе биде збогатен и со оркестарските ора „Касапско“ и  „Ќупурлика“. Со богатата понуда се надеваме дека во целост ќе ги задоволиме вкусовите на многубројните љубители на фолклорот од градот, кои во голем број беа присутни на претходните 14 Велигденски концерти-вели Маја Николоска Сиљаноска, од Центарот за култура во Кичево.

Таа додаде, дека од самото формирање на КУД „Рацин“ работи школата за народни песни и ора, во друштвото се застапени четири групи играорци и тоа, почетници, прв детски ансамбл, втор детски ансамбл и младинци. Кореограф во друштвото, подолг период е поранешениот играорец  на „Танец“, Јовица Блажевски.

Зоран Антоски