Ретроспективната изложба „Четириесет години љубов кон уметноста на Власта Делимар“ на една од најпознатите хрватски уметници со меѓународна репутација, Власта Делимар, ќе биде презентирана на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во 12 часот. Оваа изложба, со која се означува четиридецениското творештво на Делимар, е во кураторство на Ивана Васева и е дел од програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат“.
– Станува збор за прво претставување на Делимар во земјава, а изложбата вклучува три видеоперформанси: „Прошетка како Леди Годива“, „Двајца мажи и една жена“ и видеоперформансот специјално подготвен за оваа изложба, насловен „Копнеж за Македонија“, кои ќе бидат прикажани на голем видеоекран на плоштадот „Македонија“. Овој видео екран истовремено е и изложбен простор, кој може да биде и „бела“ и „црна“ коцка и во овој случај е единственото место каде што се случува ретроспективата на Делимар – велат организаторите.

Изложбата ќе понуди архива на нејзини минати дела, како и реизведби на перформанси од самата авторка
– Како да се изведе кога владее пандемија на коронавирус? Ангажирањето тела во специфичен простор, време и начин стана ризична мисија, како впрочем и целото восприемање на уметноста и културата. Но се чини дека творештвото на Власта Делимар, во овој меѓупериод, може да нè поттикне да размислуваме за работите онака како што биле и како ќе бидат, а и за тоа во каков свет живееме и каков свет посакуваме. Пандемијата нè соочи со уште едно нешто – сигурноста на домот на уметноста, кој уште повеќе ја засилува автономијата на уметноста во нејзината најбуквална варијанта и доколку остане само таму, таа може да биде каква што сака, да биде сè – додека се наоѓа во својот дом. А уметноста на Власта Делимар не може да биде таква – вели Васева.
Изложбата во Скопје е дел од изложбената турнеја низ градовите на поранешна Југославија, каде што авторката работела на почетоците на својата кариера, во доцните 1970-ти и 1980-ти години. Во тој период била формирана силна уметничка сцена на современа уметност, која на некој начин го формирала нејзиното творештво. Во текот на 2020 година требаше да се одржат изложби во градовите на поранешна Југославија, вклучувајќи ги Љубљана, Загреб, Риека, Сараево, Цетиње, Нови Сад, Белград, Скопје. Некои од изложбите, поради новонастанатата ситуација со светската пандемија, се одложени за 2021 година, кога ќе се произведе и заедничка книга како целина од кураторските и теориските текстови.Власта Делимар (1956 година, Загреб) е една од најпознатите и најзначајни уметници на денешнината. Таа е една од клучните фигури што го дефинирале современиот перформанс низ призмата на сопственото тело како медиум и содржина – женското голо тело, кое и во денешното општество сè уште не престанува да биде точка на контроверзии. Истражувајќи ги во своето творештво феминитетот, женско-машките односи и стадиумите на животниот циклус – од младоста и желбата, преку партнерството и мајчинството, па до стареењето – во јавниот простор изнесува автобиографски наративи што го преиспитуваат разграничувањето помеѓу јавното и приватното и нормативите на политиката на идентитетот.