Четириесет години плакати на „Скопскиот џез-фестивал“

Постери на Славимир Стојановиќ-Футро, Милчо Серафимовски, Ивица Спасовски, Гордана Вренцоска, Неда Фирфова, Таби Азири, Карло Меѓугорац Јана Мишева, Зоран Кардула, Роман Чизлевич, Глигор Чемерски, Митко Хаџи-Пуља и на Љубомир Фрчковски се дел од изложбата „Компликејт симпли“. Станува збор за изложба на плакати од „Скопскиот џез-фестивал“ од изминативе 40 години.
– Посебна инспирација за оваа изложба пристигна со новото ремек-дело на Славимир Стојановиќ-Футро, плакатот за годинешното, јубилејно 40. издание на „Скопскиот џез-фестивал“. Изложбата содржи 24 избрани креативни решенија за плакат, без хронолошки редослед, според нас, најдобрите во долгата историја на фестивалот – велат организаторите.
За кураторот на изложбата Небојша Гелевски-Бане, една од најголемите дизајнерски икони Милтон Глејсер, познат по дизајнот на логото „I love NY“, има одлична порака за дизајнот и дизајнерите.
– Има три можни реакции на секое дизајн-решение: „Не, да и вау“, последното е она кон кое треба да целиме. Оваа изложба е составена од „вау“ плакати! Анализата на визуелното обликување за „Скопскиот џез-фестивал“ го поделивме во три периоди. Во првиот период 1982-1993 се застапени разновидни, ретродизајн-техники: рачна интервенција врз фотографија, класична графика печатена на сито, типографски експерименти, колажи. Техники својствени за тоа време на „аналоген“ графички дизајн. Ќе ги погледнете плакатите на: Глигор Чемерски, Митко Хаџи-Пуља и Љубомир Фрчковски, како и на полскиот плакат-мајстор Роман Чизлевич од тој период – вели Бане.
Креативните решенија од вториот период, од 1994 до 1999, се карактеризираат со фотографии на инсталации на музички инструменти (труба!), користени се фотоманипулација и чисто типографско решение во 1994 година. Плакатите од овој период се авторство на: Славимир Стојановиќ-Футро и Милчо Серафимовски.
– Во третиот период од 2000 до денес, минимализмот, чистота и едноставноста се водечката линија на дизајнот. Изложбата вклучува 17 плакати од овој период, на авторите: Футро, словенечката група: Карло Меѓугорац, Митја Миклавчич, Рок Крегељ, и македонските претставници: паѓачките црни клавиши на Гордана Вренцовска, радијалниот градиент што симболизира тапан со малото тапанарско стапче на Јана Мишева, широко отворената уста што пее на Неда Фирфова, метличката и тапанот на Ивица Спасовски, скаличките на Таби Азири и прстите на трубачот на Зоран Кардула. Решенија што продолжија да собираат награди – објаснува Гелевски.

Најзастапениот автор на изложбата, кој е и најзаслужен за експлозијата награди што плакатите на СЈФ ги освоија на светски натпревари, е Славимир Стојановиќ-Футро, графички дизајнер и професор од Белград.
– Неговите дела се наградени со повеќе од 300 награди. Неговата уметност е вклучена во книгата за современ графички дизајн на „Ташен“, додека неговото студио е рангирано меѓу 100 најдобри во светот. И името на оваа изложба е всушност максимата на Славимир Стојановиќ-Футро – „Компликејт симпли“ – вели Гелевски.
Исклучително е важно што голем дел од плакатите се направени од македонски дизајнери и дизајнерки. Нивните врвни решенија, исто така, освојуваа интернационални награди.
– Лично можам да посведочам за огромна група дизајнери што се инспирирани од СЈФ-плакатите и кои правеа и прават свои решенија. Многу од нив биле направени за лична сатисфакција и себеиспитување како дизајнери, што е одличен начин за „вежбање“ дизајн. Верувам дека дизајн на СЈФ-плакат е задолжителна вежба на дизајн-академиите и факултетите во Македонија. Но не само СЈФ-плакатите туку и каталозите, монографиите, календарите, брендирањето, се непресушна база за инспирација за генерации дизајнери од Македонија и пошироко, кои можеби ќе ги преиспитаат минимализмот и чистотата на сегашниот тренд на плакатите – дополнува Гелевски.
„Скопскиот џез-фестивал“ е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди, над 40, на светските маркетиншки фестивали, вклучувајќи и гран при на најпознатиот, во Кан. Визуелниот идентитет на „Скопскиот џез-фестивал“ му обезбеди препознатливост и исклучителен рејтинг во светот.

– Покрај многубројните добиени награди, плакатите за „Скопскиот џез-фестивал“ ми овозможија континуирано, од година на година, да ги истражувам можностите на максимата „Компликувај едноставно“. Конкретно, во овој случај, со еден графички потег на поместување на линијата на нотното петолиние да се добие метафора на слободата на импровизацијата, пресудна за создавањето врвна џез-музика – вели Славимир Стојановиќ-Футро.