По завршувањето на 12. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“,
екипата ги продолжува своите омилени патешествија низ државата во рамките на
Патувачкото кино и на 3 и 4 септември ќе има проекции на документарни филмови
во Виница и во Пекљани.

Фестивалот „МакеДокс“ се одржа од 19 до 26 август во Скопје, беа прикажани 70
документарни филмови во пет категории, присуствува над 30 гости, а петте жири-
комисии, кои беа составени од 15 врвни професионалци од документарниот свет,
доделија пет награди и четири специјални признанија. Во рамките на
фестивалската програма се одржа и третото издание на МакеКоПроДокс форумот,
на кое беше направен пичинг на 11 проекти во фаза на продукција и
постпродукција од регионот.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ оваа година го смени својот формат и се одвива
во четири викенди во различни месеци од летниот период. Во јуни беше во
Кратово (25 јуни) и с. Шлегово (26 јуни), во јули имаше проекции во Штип (2 и 3
јули), Кочани (9 јули) и Оризари (10 јули), додека последните две проекции од
годинашното Патувачко кино ќе се одржат во Виница (3 септември) и Пекљани (4
септември).

Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на
Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина
Штип, Општина Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.
Медиумски покровители на Патувачкото кино и фестивалот „МакеДокс“ се
Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО,
СДК.мк, Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-Магазин, Радио МОФ, Радио Џез ФМ,
Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плагиј.ат, Его,
Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк и Лице в лице.

Сите активности на Патувачкото кино на „МакеДокс“ се одвиваат согласно
протоколите за одржување на културни настани во време на пандемија.