Со проекција на документарни филмови во непосредна близина на манастирскиот комплекс „Мала Богородица“ во Калишта почнува деветтото патувачко кино на „Македокс“, кое годинава се одржува од 12 до 25 јули во струшкиот регион. Покрај Калишта, на мапата на патувачкото кино се и селата Радолишта (13 јули), Октиси (14 јули), Мислодежда (15 јули), Ташмаруништа (20 јули), Радожда (21 јули), Мали Влај (22 јули), додека на 25 јули ќе се одржи еко-докумаратон во Струга.
– Со патувачкото магаренце сме пропатувале многу, ни се отвориле многу врати, а веруваме дека и ние сме подотвориле доста. На нашето платно се прикажуваат приказни што покриваат простор со размер сличен на растојанието од Берингово Море до Глобочица кај Дебар. Нашата тајфа носи поетика, која често е посурова од таа на Миладиновци, а, наместо лавров венец, имаме венци од кромид, подвижни слики и впечатоци – велат организаторите.

На патувачкото кино ќе се одржи и првата сесија на втората сезона на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“. Сесијата ќе се реализира од 21 до 28 јули, во партнерство со „ДримОН фестивал“ и со поддршка од НЕД.
Ќе се реализира и еко-акција за чистење на крајбрежниот појас во некогашниот камп „Треска“, во близината на селото Радожда. Акцијата ќе се реализира по два часа дневно, од 21 до 28 јули.